Украина

Можен договор за Украина во следните 90 дена?

25.12.2025 11:56

Додека католиците ширум светот го слават Божиќ со песни, подароци и миси, Украинците во сенка на војната, уште една година го дочекаа празникот со желба за мир. Според американскиот амбасадор на НАТО, страните сега се поблиску до мирот од кога било досега, но дека, како што изјави, топката е во дворот на Русија.

Празничната магија носи радост и светлина во многу домови, но некаде божиќните ѕвезди осветлуваат страв и неизвесност. Додека семејствата ширум светот го слават Божиќ со песни, подароци и миси, Украинците во сенка на војната, уште една година го дочекаа празникот со желба за мир.

„Сè што гледате околу нас, сè што свети и трепка, работи на генератори. Ја презедовме одговорноста да го направиме празникот и покрај темнината и покрај предизвиците. Детството не може да се одложи“, изјави Евхен Мушкин – генерален директор на украинскиот Експоцентар.

„Денес сите треба да бидат расположени бидејќи живееме во многу тешки времиња. Најважната желба е нашата земја да биде слободна, војната да заврши, а нашите момчиња да се вратат дома“, изјави Володимир Иванович – жител на Киев.

„Многу е тешко да се најде сила по вакви напади, но имам две деца и морам да најдам сила да се расположам и да бидам среќна. Да имам надеж дека сè ќе биде во ред“, изјави Мархарита Саенко – раселена од регионот Суми.

И покрај тешките времиња, Украина останува обединета – изјави Зеленски во божиќното обраќање, изразувајќи надеж дека добрината и вистината на крајот ќе преовладаат.

„И покрај сите страдања што ги донесе Русија, таа не е способна да го окупира или бомбардира она што е најважно-нашето украинско срце, нашата вера едни во други и нашето единство. Она што е важно сега не е како го украсуваме нашиот дом, туку како го браниме. Кога се обраќаме кон Бога, секако, бараме нешто поголемо. Бараме мир за Украина. Се бориме за него. И се молиме за него. И го заслужуваме“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Воздушните тревоги сепак, продолжија да го параат празничниот воздух со сирени во Киев и соборени дронови кон Москва. И покрај борбите, американскиот пратеник во НАТО тврди дека страните се поблиску до мир од кога било, но дека „топката е во дворот на Русија“. Смета дека договор е можен во следните три месеци, но предупредува на тешки финалните преговори и сурова зима за Украина.

„Страните се приближуваат кон договор. Ако нешто биде направено, ќе биде во следните 90 дена. Трамп е клучен посредник кој може да ги донесе страните на преговарачка маса и да истрае во обидите за постигнување мир. задачата на САД не е само да се осигурат дека договорот е потпишан, туку дека е фер и праведен, дека обезбедува траен мир и дека Украинците „не живеат во страв“ од можноста за нова инвазија“, изјави Метју Витакер – претставник на САД во НАТО.

Зеленски го објави мировниот план од 20 точки и најави можно повлекување на украинските трупи од истокот, доколку и Москва се повлече и областа стане демилитаризирана зона под меѓународен надзор. Планот ги опфаќа Донбас и нуклеарната централа Запорожје и би одел на референдум. Сепак, „Блумберг“ објави дека Кремљ го отфрла предлогот и бара дополнителни услови-неутрален статус на Украина и запирање на проширувањето на НАТО.

Бојана Крстевски