ДЗС апелира на почитување на мерките за заштита од пожари за време на празниците
Од ДЗС посочуваат дека со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните задолжително е да се почитува максимално дозволениот број посетители согласно капацитетот на објектите, тие да бидат опремени со исправна и редовно одржувана противпожарна опрема, како и таа да биде лесно достапна за итна употреба.

Пред претстојните новогодишни и предновогодишни празници, кога традиционално се организираат прослави, забави и јавни собири во угостителските објекти, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати апел до сопствениците и организаторите на настани строго да ги почитуваат прописите за заштита од пожари и безбедност на посетителите.
Од ДЗС посочуваат дека со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните задолжително е да се почитува максимално дозволениот број посетители согласно капацитетот на објектите, тие да бидат опремени со исправна и редовно одржувана противпожарна опрема, како и таа да биде лесно достапна за итна употреба.
Дополнително, коридорите, излезите и патиштата за евакуација мора постојано да бидат чисти и проодни, а излезните врати за евакуација отклучени и функционални. Се нагласува и обврската за почитување на забраната за користење пиротехнички средства и отворен пламен во затворени простории, како и потребата персоналот да биде обучен и подготвен за постапување во итни ситуации.
Од Дирекцијата истакнуваат дека почитувањето на овие превентивни мерки не е само законска обврска, туку и морална одговорност на секој сопственик и организатор на масовни настани кон гостите и вработените.
