Празнични светилки под сенка на војната
Додека светот го слави Божиќ со песни и семејни трпези, во Украина празничните светилки светат под сенката на војната. И годинава, наместо тишина и мир, воздухот го параат сирени за тревога. Желбите сведени на една – крај на војната. Зеленски се надева дека добрината и вистината на крајот ќе преовладаат, порачува – Украина останува обединета и покрај тешките времиња. Можните компромиси во мировниот предлог понуден од Киев, Кремљ ги отфрла. Сепак, американскиот амбасадор во НАТО тврди дека страните се поблиску до мирот од кога било досега, но топката останува во дворот на Русија…

Празничната магија носи радост и светлина во многу домови, но некаде божиќните ѕвезди осветлуваат страв и неизвесност. Додека семејствата ширум светот го слават Божиќ со песни, подароци и миси, украинците во сенка на војната, уште една година го дочекаа празникот со желба за мир.
„Сè што гледате околу нас, сè што свети и трепка, работи на генератори. Ја презедовме одговорноста да го направиме празникот и покрај темнината и покрај предизвиците. Детството не може да се одложи“, изјави Евхен Мушкин, генерален директор на украинскиот Експоцентар.
„Денес сите треба да бидат расположени бидејќи живееме во многу тешки времиња. Најважната желба е нашата земја да биде слободна, војната да заврши, а нашите момчиња да се вратат дома“, изјави Володимир Иванович, жител на Киев.
„Многу е тешко да се најде сила по вакви напади, но имам две деца и морам да најдам сила да се расположам и да бидам среќна. Да имам надеж дека сè ќе биде во ред“, рече Мархарита Саенко, раселена од регионот.
И покрај тешките времиња, Украина останува обединета – изјави Зеленски во божиќното обраќање, изразувајќи надеж дека добрината и вистината на крајот ќе преовладаат.
„И покрај сите страдања што ги донесе Русија, таа не е способна да го окупира или бомбардира она што е најважно-нашето украинско срце, нашата вера едни во други и нашето единство. Она што е важно сега не е како го украсуваме нашиот дом, туку како го браниме. Кога се обраќаме кон Бога, секако, бараме нешто поголемо. Бараме мир за Украина. Се бориме за него. И се молиме за него. И го заслужуваме“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Воздушните тревоги сепак, продолжија да го параат празничниот воздух со сирени во Киев и соборени дронови кон Москва. И покрај борбите, американскиот пратеник во НАТО тврди дека страните се поблиску до мир од кога било, но дека „топката е во дворот на Русија“. Смета дека договор е можен во следните три месеци.
„Страните се приближуваат кон договор. ако нешто биде направено, ќе биде во следните 90 дена. Трамп е клучен посредник кој може да ги донесе страните на преговарачка маса и да истрае во обидите за постигнување мир“, нагласи Метју Витакер, претставник на САД во НАТО.
Зеленски го објави комплетниот договор и најави можно повлекување на украинските трупи од истокот, доколку и Москва се повлече и областа стане демилитаризирана зона под меѓународен надзор. Планот ја опфаќа и нуклеарната централа Запорожје и би одел на референдум.
„Според мировниот план. Анализираме што Дмитриев му пренел на Путин. Во зависност од одлуките од шефот на државата, ќе ја продолжиме нашата комуникација со Американците“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Сепак, „Блумберг“ објави дека Москва веќе го отфрлила предлогот и бара дополнителни услови-неутрален статус на Украина и запирање на проширувањето на НАТО.
Бојана Крстевски
