Политика

Гаши со апел - да се најде политичка волја и да се избере народен правобранител

25.12.2025 17:06

Владејачкото мнозинство има доволно гласови да биде поддржан овој кандидат, но нема доволен број пратеници за гласањето по Бадентер. Недостасуваат гласови од Европскиот фронт предводен од ДУИ. Гаши оценува дека сè уште не се исцрпени сите политички капацитети.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши апелираше до пратеничките групи да се изнајде политичка волја и во Собранието да се избере народен правобранител. Владејачкото мнозинство има доволно гласови да биде поддржан овој кандидат, но нема доволен број пратеници за гласањето по Бадентер. Недостасуваат гласови од Европскиот фронт предводен од ДУИ. Гаши оценува дека сè уште не се исцрпени сите политички капацитети.

„Ја користам оваа можност преку вас медиумите да упатам апел до сите политички партии да го одблокираме овој процес, да најдеме решение, да седнат политичките актери да најдат решение. Пред сè да бидеме совесни кон една многу битна институција како што е Народниот правобранител. Би сакал тоа најбрзо што е можно да се случи и веднаш би ја свикал седницата. Точката е на дневен ред, ќе ја изгласаме за да може да функционира и во однос на повторените избори кои се на 11 јануари“, изјави Гаши.

Во Собранието сè уште не е формирана работна група за изборен закон и сè уште се нема јасен став дали ќе се работи на комплетно нов документ или дали ќе се земе предвид веќе готовиот драфт што го работеше работна група во Министерството за правда пред парламентарните избори. За ова прашање, претседателот на Законодавниот дом ќе зборува со министерот за правда.

Што се однесува пак до Кривичниот законик, Гаши најави дека ќе го стави на дневен ред во Собранието во јануари и тоа во редовна постапка, за да остави повеќе време за дебата за неговата содржина.

Според него интерес нема и за Анкетната комисија за Кочани. Се чека партиите, до Комисијата за избори и менување, да пратат предлози за членови, а кога ќе заседава – е прашање за кое нема логика ни да се поставува, вели Гаши.

Марина Стојанова-Тонева