Тенис

Горановиот, Марин

07.09.2014 02:01

Марин Чилиќ е финалист на „Флешинг Медоу“. Хистерија завладееа на трибините на „Артур Еш“ арената. Штотуку стивна шокот од првото чудо, од триумфот на Нишикори над Ѓоковиќ, а уследи ново, исто толку големо! За светот шокантно!

Високо кренати двете раце на Марин! Сликата која потсетува на времето на боксерскиот великан Касиус Клеј по секоја брилијантна победа  трае секунда, две...Од другата на страна на мрежата е великиот Федерер,кој  стрпливо чека да му подаде рака на  подобриот од себе! Марин Чилиќ е финалист на „Флешинг Медоу“. Хистерија завладееа на трибините на „Артур Еш“ арената. Штотуку  стивна шокот од првото чудо, од триумфот на Нишикори над Ѓоковиќ, а  уследи ново, исто толку  големо! За светот шокантно! Никој толку брзо не го збришал најголемиот во историјата на тенисот, за помалку од два часа! Во тој егзалтирачки момент  погледите не можат да го одминат Горан Иванишевиќ, тренерот на Марин Чилиќ! Како само  магијата од 2001-та година успеа да ја пренесе врз својот ученик?

Во таа 2001 година беше предвечерјето од Вимблдон! Горан Иванишевиќ во тој момент речиси и да беше заборавен од тенискиот свет. Беше на прагот од 30-та, без ранкинг меѓу првите 100 тенисери на светот, со горчината од трите порази во финалето од Вимблдон и загубените илузии за триумф на најпрестижниот турнир,  кои му бегаа на брутален начин, со мали резултатски нијанси. Во таа 2001-ва дојде во Лондон како „тениски питач“ со еден рекет и еден дрес да бара „милосрдие“! Молеше да му се дозволи да игра на Вимблдон за последен пат.Се смилуваа студените Англичани за „руинираниот“ Иванишевиќ и му дадоа вајлд-карта! А, тој се крена како Феникс и го освои Вимблдон!

Дванаесет години подоцна, Горан Иванишевиќ му стана тренер на Марин Чилиќ! Истиот Иваничевиќ, кој не можеше да го скроти сопствениот темперамент, кому му беа малку десет рекети во секој меч за да го искали сопствениот бес! Оној Иванишевиќ поради кој тренерите си ги кубеа косите, кој можеше да владее со тенискиот свет, ако не беше неговиот избувлив карактер. Тој бунтовен Иванишевиќ почна да се занимава со тренерска работа, базирана во многу на педагогија!И успеа!Вечерва се случи вториот голем спортски и животен триумф на Горан Иванишевиќ. Неговиот ученик Марин Чилиќ стана финалист на „Флешинг Медоу“! Чилиќ не е ново име во светот на тенисот. Пред четири години беше меѓу првите десетмина најдобро рангирани светски тенисери, но беше далеку од блесокот кој го краси деновиве во Њујорк!Имаше големо резултатско урнисување. Го мачеа  повреди, слабости, сомнежи. Од 2013 година се стави во рацете на Иванишевиќ! Се врати посилен! Триумфот над Бердих во ¼ финалето беше само увертира за феноменалната претстава против Федерер. На малкумина им успеало да го кутнат  најголемиот тенисер во историјата на толку уверлив начин. Само еднаш Чилиќ имаше момент на слабост и му дозволи на Федерер да направи брејк, за многу брзо да се врати во победничкиот ритам. Тоа е новиот карактер во играта на 25 годишниот Херцеговец, под влијание на својот нов тренер Иванишевиќ. Неговите периоди на малодушност во минатото, поради кои не можеше да им парира на водечките светски тенисери, изгледа дека станаа минато.  Блескаше Чилиќ! Ги нижеше неодбранливите „агли“ како монистра., со неверојатна леснотија и креативност  беше во постојана играчка надмоќност, сервираше беспрекорно во најделикатните моменти од мечот, со три аса го вкнижи победничкиот гем! И најголемиот триумф во кариерата протв Федерер за влез во големото финале. За радост и гордост и на Иванишевиќ!

Сензационално е финалето на УС Опен, Чилиќ-Нишикори! Прв пат по 2005-та година  во едно грен-слем финале  нема ниту едно име од големата тројка која владее во светот на тенисот! Ги нема имињата на Федерер, Надал и Ѓоковиќ! Светот ќе добие неочекуван грен-слем победник, во финале на двајца исклучителни тениски воини!

 

Златко Калински