воен конфликт

Продолжуваат дипломатските напори за мир во Украина

26.12.2025 12:43

Едночасовниот телефонски разговор на релација Киев-Вашингтон буди нова надеж за ставање крај на војната во Украина. Зеленски оцени дека има напредок во дипломатските напори, иако остануваат чувствителни прашања. Кремљ сè уште ги анализира американските предлози, оценувајќи дека преговорите со сад се „бавни, но стабилни“. Бараат Вашингтон да се спротивстави на европските обиди за поткопување на процесот. На терен ситуацијата останува напната. и двете страни јавуваат за нови напади...

Украинскиот претседател Зеленски изјави дека телефонските разговори со американските претставници Виткоф и Кушнер донеле „нови идеи“ за постигнување мир меѓу Украина и Русија. Оцени дека има напредок во дипломатските напори, иако остануваат чувствителни прашања.

„Имаме некои нови идеи во однос на форматите, состаноците и, секако, времето за тоа како да се постигне вистински мир. Некои документи се подготвуваат, а некои се веќе целосно подготвени. Секако, сè уште има работа што треба да се заврши по чувствителни прашања. Но, заедно со американскиот тим, разбираме како да го спроведеме сето ова. Неделите што претстојат исто така може да бидат интензивни“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Разговорите следат по ажурираниот мировен план од 20 точки, договорен меѓу САД и Украина, кој вклучува безбедносни гаранции од САД, НАТО и Европа, како и можност за демилитаризирана зона во источна Украина, но без отстапување на територија. Русија сè уште нема официјален став, но оценува дека преговорите со САД се „бавни, но стабилни“. Бараат Вашингтон да се спротивстави на европските обиди за поткопување на процесот, повторувајќи дека Москва е подготвена за писмен, правно обврзувачки пакт за ненапаѓање на ЕУ и НАТО.

„Украинските преговори за решавање на спорот со САД напредуваат бавно, но стабилно. Овој напредок е придружен со исклучително штетни, па дури и злонамерни обиди од група земји, првенствено овие западноевропски, да ги торпедираат напорите и попречат целиот дипломатски напредок. Во нашиот дијалог постојано ги повикуваме американските колеги активно да се спротивстават на овој деструктивен процес. Од наша страна, ние сме подготвени да продолжиме да работиме во рамките утврдени на највисоко ниво во Енкориџ“, изјави Марија Захарова, портпаролка на руското министерство за надворешни работи.

Во меѓувреме, дипломатскиот напредок не ја поправа ситуацијата на терен. Борбите продолжуваат – Украина јавува за нови руски напади врз Одеса, кои погодиле инфраструктурен објект и предизвикале пожар, а Русија пријави одбиен напад со дронови врз регионот Волгоград.

Бојана Крстевски