Свечена академија по повод Денот на независноста 8-ми Септември

07.09.2014 11:37

Вечер во Македонскиот народен театар, ќе се одржи свечена академија под покровителство на претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски...

По повод 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија, вечер во Македонскиот народен театар, ќе се одржи свечена академија под покровителство на претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски. 
 
На академијата е поканет државниот врв на Република Македонија, пратениците и министрите од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во Република Македонија, како и претставници од сите сфери на политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот.
 
Република Македонија утре одбележува 23 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
 
Македонската радиотелевизија ќе ја пренесува свечената академија во живо на првиот програмски сервис со почеток од 19 часот.