јубилеј

81 година Македонско радио – прв медиум на македонски јазик во земјава

28.12.2025 19:33

Пред 81 година почна да зрачи сигналот на првиот медиум на македонски јазик во земјава – Македонско радио. Оттогаш Македонската радио-телевизија, над осум децении е паметник на сите значајни настани и процеси на државноста и политичкиот развој на Македонија. Денеска се одбележува денот на МРТ...

„Зборуе Радио Скопје“- зборовите на Владо Малески од Македонското собрание пред 81 година известувајќи за Второто заседание на АСНОМ го означи историскиот почеток на првиот медиум на македонски јазик. Две децении подоцна од Црн врв во етерот почна да зрачи и телевизискиот сигнал во домовите. Радио-телевизија Скопје е клучниот аудио-видео сведок и паметник на сите значајни настани и процеси на државноста и политичкиот развој на Македонија.

Верен на грижата за литературниот говор, културата и демократизацијата на општеството до препознатливост низ децениите со говор и лик, остави свој неизбришлив печат.

Техниката е нејзиното срце без кое нема медиумски содржински крвоток. Се работело со обични ленти кои се лепат рачно, па со јуматици, бета кам ленти до картици кои се вчитуваат компјутерски.

Запознавањето со работниот процес и начинот на пренесување на информациите преку студијата Македонската радио-телевизија им го овозможила и им го овозможува на генерации студенти, но и нивните професори.

Македонската радио-телевизија е можеби единствената која во 80-тите без секунда прекин на програмата беше пренесена од Нерези во новата зграда каде што е денеска.

Низ декадите изнедри генерации високо профилиран новинарски и технички кадар, што пак по 90-тите придонесе за плурализацијата на медиумскиот простор вклучувајќи се во приватните медиуми. Сега не само што не заостанува зад европските јавни сервиси, туку успева и да ги потхранува со медиумски содржини.

Разноликоста на програмата е дел од нејзината мисија а една од нив за првата најважна споредна работа во светот е нејзина привилегија.

Грижата за сите граѓани да можат подеднакво да дојдат до точни, вистинити и објективни информации, Јавниот сервис ја покажува преку разноликоста на содржините и своевидно доближување до различната публика. Воведувањето на толковниот јазик при емитување на информативните и други програми е само доказ за пионерската улога што секогаш ја има.

Најновите информации и сите општествено политички настани се емитуваат од едно од најмодерните студија не само на балканот туку и пошироко.

И се почнува со секојдневната рутина.  Екипата се организира од продуцентот, и таа тргнува на снимање. Да се надеваме за некоја убава вест.

Фиљана Кока