Свет

САД извршија напади врз кампови на Исламска држава во Нигерија

26.12.2025 19:48

Американската војска, во координација со нигериските власти, спроведе воздушни напади врз кампови поврзани со Исламска држава во северозападна Нигерија. Од Белата куќа порачуваат дека акцијата е насочена исклучиво против терористи, додека нигериската влада негира каква било религиозна мотивација и најавува можни дополнителни операции …

Американската војска изврши напади врз кампови поврзани со Исламска држава во Северозападна Нигерија, во државата Сокото. Операцијата била планирана долго време, а во истрагата се користени разузнавачки информации обезбедени од нигериската страна. Шефот на Белата куќа ја обвини милитантната група дека убива невини христијани.

„Претходно ги предупредив овие терористи дека ако не го спречат колењето на христијаните, ќе има несакани последици и имаше. Министерството за војна изврши бројни совршени напади, како што само Соединетите Американски Држави се способни да го сторат тоа. Под мое водство, нашата земја нема да дозволи радикалниот исламски тероризам да напредува“, објави американскиот претседател Доналд Трамп.

Американската команда за Африка, соопшти дека според првичната проценка повеќе терористи на Исламската држава се убиени. Властите во Нигерија уверуваат дека цел на нападот биле терористи и не е религиозно мотивиран, додавајќи дека не се исклучени понатамошни акции.

„Она што можам да го потврдам е заедничка операција меѓу Нигерија и САД која целеше терористи. Нема никаква врска со одредена религија. Според нас, таа е насочена кон терористи кои напаѓале Нигеријци, точка. И нема никаква врска со Божиќ. Може да биде кој било друг ден. Има врска со напаѓање на терористи кои убивале Нигеријци. Имав телефонски разговор со државниот секретар Марко Рубио, каде што се согласивме дека овој заеднички напор е конкретно насочен кон терористите и нема врска со која било посебна религија“, рече Јусуф Маитама Тугар, министер за надворешни работи на Нигерија.

Американскиот претседател тврдеше дека нигериската влада не прави доволно во борбата против прогонот на христијаните во таа земја. Во ноември, Трамп и нареди на американската војска да се подготви за акција за справување со исламистичките милитантни групи. Нигерија има најголемо христијанско население во Африка, со речиси 80 милиони верници.

Маријана Димовска