Куманово

На протест повратниците од Ирак и Авганистан поради одлуката на УЈП да се оданочат парите коишто ги зеле

26.12.2025 18:06

Кумановци кои работеле во базите во Ирак и Авганистан излегоа на протест поради одлуката на УЈП да се оданочат парите коишто ги зеле. Реагираат согласно законот не се должни за вакво нешто, а веќе се соочуваат со извршни решенија. Од УЈП пак на став не се работи за ретроактивна мерка, туку законска одредба …

Кумановци кои изминативе години работеле во Ирак и Авганистан излегоа на мирен протест пред зградата на Управата за јавни приходи. Тие изразија незадоволство поради како што велат ретроактивно оданочување на приходите од 2020-та година наваму. Појаснија не се против плаќање данок, но велат не им се признаваат доказите за исплатите, документите, дека повеќе време биле надвор од државата и не се должни за оданочување. Дополнително не биле известени навреме, па дел и од средствата кои потенцираат се значајни и за домашната економија, ги потрошиле. Сега им стигаат решенија за наплати до 15-ти јануари, а за секој ден задоцнување каматата е 0,03 отсто. Станува збор за илјадници евра, а засега опфатени се околу 3.000 лица.

„Ова не е редовна даночна постапка, ова е лов на пари за полнење на државната каса. Луѓе што денес се тука зад мене не седеле дома со најблиските работеле во странство во воени бази во Ирак во Авганистан, зони со висок безбедносен ризик за животот на здравјето“, истакна Зоран Наковски, поранешен вработен.

„Јас сум вратен 2021-ва година од 2021-ва година јас сум невработен во оваа тука значи живеам од парите кои ги имам заработено таму. РИПАЈ 2020-та година јас и мојот колега сме биле надвор од државата 9 месеци тоа се 270 дена од Законот со член таму се наведува дека 183 дена плус еден ден не си даночен обврзник“, дополнува друг повратник.

Повратниците бараат време компаниите да ја достават неопходната документација за платен данок во државите каде што работеле. Протестот нагласија нема партиска и политичка заднина. Од УЈП пак на став не се работи за ретроактивна мерка, туку законска одредба.

Околу 1.200 лица доброволно поднеле пресметки.

Според досегашните анализи на УЈП околу 9.000 граѓани оствариле доход од странство кој подлежи на оданочување.

Овие печалбари ќе чекаат одговор од надлежните, но најавуваат и други ригорозни мерки, меѓу нив и правдата да ја бараат пред меѓународните судови.

Елена Георгиевска