Надлежните на итна средба за работата на „УСЈЕ“
Министерството за животна средина побара од инспекторатите информации за работењето на цементарницата „УСЈЕ“. На списокот за проверка и сите останати правни субјекти кои поседуваат еколошки дозволи. Советот на Град Скопје побара дислокација на фабриката. Владата ќе ги разгледа заклучоците...

Итна средба во Министерството за животна средина и просторно планирање со Државниот инспекторат и одговорни лица за квалитетот на воздухот во врска со побараниот надзор на работењето на „УСЈЕ“. Ќе се врши проверка над работењето и на сите останати правни субјекти кои поседуваат а-интегрирани дозволи.
Зелено светло за дислокација на фабриката која е еден од најголемите загадувачи на воздухот-цементарата „УСЈЕ“, но треба време. Сè она што е проблем за граѓаните е проблем и за владата, смета премиерот Христијан Мицкоски. Потенцира дека загадувањето е резултат на децениската негрижа, на граѓаните да им се обезбедат алтернативни начини на затоплување на домовите.
Претходно, Советот на Град Скопје побара Министерството за животна средина и просторно планирање да го испита работењето на цементарница „УСЈЕ“ и сите големи индустриски загадувачи, дали ги исполнуваат сите критериуми од важечката дозвола за работа и во најбрз рок да го известат Градот Скопје за резултатите.
„Профит за УСЈЕ, болест за народот“, „Скопје се гуши, државата молчи“ – дел од пораките од протестот на граѓани пред цементарата УСЈЕ. Побараа низа мерки против загадувањето.
Од „ТИТАН УСЈЕ“ известија дека немаат директна поврзаност меѓу работењето на цементарницата и загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје.
Александра Спировска
