Костадиновски: И покрај притисоците и влијанијата, Уставниот суд остана цврст столб на правната држава
Ефикасно и транспарентно – оценка за работењето на уставниот суд од неговиот прв човек Дарко Костадиновски. Вели дека во услови на динамични општествени политички процеси и покрај притисоците и влијанијата, институцијата останала цврст столб на правната држава и неприкосновен чувар на Уставот. Побара од Судскиот совет и од Собранието итно, неодложно и во најбрзо време да изберат нови уставни судии.

Судот и покрај притисоците и влијанијата, остана цврст столб на правната држава и неприкосновен чувар на Уставот. Со чувство на одговорност и длабока почит кон граѓаните, можам да потврдам дека Уставниот суд, одговори на доверената задача, професионално, независно и непристрасно, вели претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Уставниот суд до крајот на јануари идната година се очекува да го добие извештајот на судијата известител по однос на иницијативите за оспорување на уставноста на Законот за употреба на јазиците, кои веќе шест години се во архивата на судот.
Уставниот суд годинава имаше оформено 306 предмети, 271 се од граѓани, седум од политички партии, осум од државни институции, три од општини и два предмети по сопствена иницијатива. Вкупни беа решени 225 предмети.
Првиот човек на Уставниот суд упати повик до Судскиот совет и до Собранието што побргу да заседаваат и да донесат одлука да ги пополнат испразнетите места за уставни судии, зашто во 2026 година Уставниот суд ќе работи со седум судии.
Игор Панов
