Аерозагадување

Зголемен број на пациенти со респираторни проблеми

27.12.2025 15:50

Иако квалитетот на воздухот во последните два дена е значително подобрен, состојбата во високото аерозагадување која ја имавме во изминатиов месец, значително се одрази врз здравјето на граѓаните, на удар се хронично болните, повозрасните и децата, најчесто со респираторните проблеми …

Околу 100-тина пациенти во едно деноноќие бараат помош во Ургентното одделение при Битолската клиничка болница. Од нив една третина се со респираторни проблеми.

Нестабилните временски услови во изминатиов период сè почесто се одразуваат врз здравјето на граѓаните, честите осцилации на температурите, влажниот и загаден воздух, најмногу ги погодува хронично болните, повозрасните и децата.

Пред клиничката болница во Битола забележавме поголема фреквенција на граѓани кои бараат помош, од оние кои успеавме да ги анкетираме како најголем причинител за влошување на нивното здравје го посочуваат неквалитетниот воздух и честите температурни разлики.

Лекарите препорачуваат, внимателно прилагодување на дневните активности, особено кога аерозагадувањето е поголемо, користење заштитни маски, да се избегнува групирање во затворени простории и истите често да се проветруваат како и навремена вакцинација.

Александра Максимовска