Во Белград посветена вечер на Зафир Хаџиманов
Во Македонскиот КИЦ во Белград одржана музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов со Васил Хаџиманов и Бисера Велетанлиќ...

Вечерта посветена на бардот на културата Зафир Хаџиманов, што се одржа во просториите на Македонскиот КИЦ во Белград беше со неколку одбрани музички инсерти и фотографии, меѓу кои неколку и за првпат јавно презентирани и со интимен концерт посветен нему, со неговите најблиски, Бисера Велетанлиќ и Васил Хаџиманов.
„Сè тоа што тој го работеше дефинитивно беше инспирација и за мене и за многу други, бидејќи беше мултиталентиран уметник и за што и да се фатеше, го работеше до крај и на најдобар можен начин. Повеќе би сакал да е тука, па да свириме заедно, отколку да свириме во негова чест, но таков е животот. А ова е навистина прекрасно што Васко и сите луѓе од Македонскиот културен центар се сетија да направиме една вечер за Зафир, ден по неговиот роденден, бидејќи тој е роден на католички Божиќ, 25-ти декември. Така што, еве на 26-ти, овој пат само Бисера и јас, свириме во негова чест“, изјави Васил Хаџиманов.
Зафир Хаџиманов значаен е како пејач, композитор, поет и актер, со огромен придонес на македонската и српската култура, особено преку спојот на традиционалните македонски музички елементи со современи и популарни форми.
„Зафир Хаџиманов е сопруг на Сенка, а мене ми е зет. Јас го сакав речиси како брат. За тоа каков беше тој, мислам дека нема ни потреба да се зборува. Оние што го познаваат, знаат дека беше исклучително надарен и како поет, и како актер, и како пејач. Навистина беше комплетен во сè и тоа беше прекрасно. Едноставно тој негов начин на пристап кон музиката беше сосема поинаков од вообичаените“, изјави Бисера Велентанлиќ.
Во Белград каде што живееше беше почесен македонски амбасадор на културата и основач на првите македонски здруженија во Србија.
Оливер Бранковиќ
