воен конфликт

Жесток руски напад во украинската престолнина, непосредно пред најавената средба Трамп-Зеленски на Флорида

27.12.2025 11:31

Жесток руски напад во украинската престолнина, непосредно пред најавената средба Трамп-Зеленски на Флорида која треба да биде решавачка за ставање крај на војната. Во нападите има загинати и ранети цивили. Полската армија ги подигна борбените авиони, а аеродромите Жешов и Лублин беа привремено затворени …

Русија со жестоки воздушни напади врз Киев во текот на ноќта, откако украинскиот претседател објави дека ќе се сретне со својот американски колега утре во Флорида. Средбата ќе биде посветена на продолжување на разговорите за напорите за завршување на војната. Зеленски рече дека двајцата лидери ќе разговараат за безбедносните гаранции за Украина и дека планот од 20 точки што се дискутира е околу 90% готов.

„Да бидам искрен, планот од 20 точки на кој работевме е 90% готов. Нашата задача е да се осигураме дека сè е 100% готово. Не е лесно. И никој не вели дека ќе биде готово веднаш. Но, сепак, мора да го доближиме посакуваниот резултат со секоја таква средба, со секој разговор. Целта на овој состанок е да финализираме што е можно повеќе. Сите прашања за кои имаме несогласувања, нашата страна дефинитивно ќе ги постави“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Трамп, во пресрет на утрешниот состанок, за „Политико“ изјави дека Зеленски нема ништо додека тој тоа не го одобри, но сепак верува дека би можел да има продуктивен состанок. И Москва потврди дека имале телефонски разговор со претставници на американската администрација. Русија сè уште нема официјален став – оценува дека преговорите со САД се „бавни, но стабилни“.

На фронтот, пак, најмалку 11 лица се ранети, откако Русија го нападна главниот град на Украина со ракети и беспилотни летала. Во поширокиот регион на Киев, погодени индустриски и станбени згради. Делови од градот останале без електрична енергија и греење, во услови на зимски температури.

Полска привремено ги затвори аеродромите во Жешов и Лублин откако полските вооружени сили подигнаа борбени авиони како одговор на руските воздушни напади врз Украина.

Катерина Бојаџиева