Сиљановска Давкова, Мисајловски и Лафчиски на предновогодишна средба со мировниците и нивните семејства
Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, преку видеоконференциска врска им ги честитаа претстојните празници на припадниците на Армијата ангажирани во мировни мисии и операции во странство, упатувајќи им желби за добро здравје, успех и просперитет во новата 2026 година...

Дедо Мраз пристигна со армиски хеликоптер во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. Насмевки на лицата на децата кои побрзаа да се сликаат со Дедо Мраз.
Додека децата на македонските мировници во странство ги примаа своите новогодишни пакетчиња, државниот и воениот врв упати пораки на благодарност до припадниците на Армијата во Косово, Босна, Либија, Латвија, Романија, Бугарија и Германија. Со видео-конференциска врска која ги премости километрите меѓу татковината и меѓународните мисии, во касарната „Страшо Пинџур“ беше одбележан претстојниот почеток на новата година.
Претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, им посака успешна работа на мировниците во странство.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски рече дека ова средба има особена тежина и значење бидејќи, како што рече, „нè обединува како семејство“.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски е уверен дека секој од мировниците ја извршува задачата крајно професионално.
Од тренинг центарот за пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, сите си посакаа успешна и среќна 2026 година.
Борис Грујоски
