Јавен конфликт во СДСМ, раководството го обвинува Јован Деспотовски дека со членови на власта ја дестабилизира партијата
СДСМ го обвинува Јован Деспотовски нивниот долгогодишен функционер и кадар дека во договор со членови на власта ја дестабилизира партијата. Најавија негово исклучување од партиските редови. Тој изрази разочарување од одлуките, вели најмалку по 30 години политички стаж го оставиле без зборови и коментар. Од ВМРО- ДПМНЕ ги отфрлуваат тврдењата за наводна координирана кампања, велат опозициската партија пропаѓа …

Разочарување од одлуките на актуелното раководство на СДСМ за исклучување од неговата матична партија го оставила „целосно без зборови и коментар“, вели Јован Деспотовски, долгогодишен функционер и кадар на социјалдемократите. Тој нагласува дека по три децении политички ангажман најмалку очекувал ваков однос од СДСМ. Деспотовски директно му се обраќа на актуелниот лидер на партијата Филипче, со јасна лична порака дека нема да дозволи неговиот долгогодишен ангажман да биде обезвреднет со една политичка одлука.
„Во сите јавни настапи сум бил максимално умерен, дури и во ситуации и за луѓе кои апсолутно заслужиле остар став. Ако таа умереност сега станува закана за актуелниот партиски врв, тогаш СДСМ има многу поголем проблем отколку што и мислиме“, изјави Јован Деспотовски.
Од СДСМ го обвинуваат Деспотовски дека во договор со членови на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со заеднички сили се обидуваат да ја дестабилизираат партијата преку медиумска кампања, обидувајќи се да го ослабат СДСМ – токму во моментот на подем на партијата. Од опозицијата обвинуваат дека ВМРО спроведува координирана операција за уривање на СДСМ одвнатре бидејќи според нив антикорупцискиот тим изнесе сериозни податоци за криминал и корупција на Владата за ВМРО преку тендери.
ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата на СДСМ за наводна координирана кампања против партијата, оценувајќи дека станува збор за обид да се прикрие, како што наведуваат, „координираното откривање на вистината“ за поранешни и актуелни функционери на СДСМ.
Ана Јосифоска
