Куманово

Новогодишните прослави оставаат без мир и сон

28.12.2025 11:05

Едни слават, други не спијат. Прославите со прегласна музика до доцните часови ги оставија без сон граѓаните. Кумановци реагираат, но решение нема. Поплаките пристигнале до полицијата и инспекцијата. Куманово нема ниту акредитирана лабораторија за мерење на бучава …

Новогодишните прослави повторно го попречуваат мирот и сонот на граѓаните. Кумановци се жалат на прегласна музика од угостителските објекти. Забавите траат до доцните часови. Реагираат до надлежните но долгорочно решение нема. Забележуваат оние што живеат над или во близина на кафулињата и рестораните.

„Има кај нас јас доле сум таму требаше гаражи направија кафеани, и тоа нонстоп и паркинзи и ова“, вели еден граѓанин.

„За музика од овие локалите, но и за музика од џамијата што се пушта, прегласно е мислам дека кај нас во Македонија законот не се почитува, односно извршува“, истакна друг.

Кумановската полиција годинава регистрира дури 74 пријави за бучава. Во споредба со лани бележат дури двојно повеќе пријави.

„Најчесто пријавите се во вечерните часови и по извршено фонометриско мерење биле утврдени 7 прекршоци во угостителски објекти, при што биле констатирани нарушувања на јавниот ред и мир по член 8 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Исто така некои угостителски објекти биле пријавувани по неколку пати и за нив биле поднесени соодветни поднесоци“, истакна Ивана Младеновска, портпарол СВР Куманово.

Поплаки за прегласна музика годинава пристигнале и до секторот за инспекциски надзор. Тие имаат склучено договор со лабораторија за мерење на бучавата. Но пријавите најчесто се во период околу полноќ, што е во надлежност на полицијата.

„Од почетокот на годината имаме извршено мерење на бучава во седум угостителски објекти и еден маркет. Изречени се платни налози за четири угостителски“, велат од Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово.

Куманово нема акредитирана лабораторија за мерење на бучава. Затоа мерењето се реализира по закажан термин.

Со фонометар располага полицијата, која веднаш по добиената поплака може да го реализира мерењето, која не води ниту постапки како инспекцијата, опомени, туку може да издаде платни налози.

Елена Георгиевска