Руско-украински конфликт

Силна поддршка за Зеленски пред средбата со Трамп во Флорида

28.12.2025 15:00

Состанок на европските лидери и Канада со украинскиот претседател Зеленски пред денешната средба со шефот на Белата куќа на Флорида. Сите се согласни поддршката за Украина останува приоритет. Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен децидна – потребен е праведен и траен мир што ќе го зачува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина...

Украинскиот претседател одржа видео состанок со европски и НАТО лидери, пред средбата со неговиот американски колега во Флорида. Зеленски истакна дека се потребни силни позиции за да се продолжи со планот за ставање крај на војната, додека лидерите му дале целосна поддршка, нагласувајќи ја својата посветеност на тесна соработка со сад за постигнување одржлив и праведен мир во Украина.

„Ги разгледавме клучните документи за кои ќе разговараме со претседателот Трамп. Разгледавме 20 точки: нашата позиција за територијалните прашања, за нуклеарните електрани и за прашањата поврзани со развојот и обновата. Како што веќе кажавме, сега за нас е полесно: имаме 20 точки што се веќе 90% усогласени, бидејќи постојат одлуки. Некому може да му се допаѓаат, некому не, но сепак Украина треба да добие 100 милијарди долари. Ова уште еднаш го нагласија Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта. Навистина се надеваме на конструктивна дискусија во САД“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Канада ќе обезбеди дополнителни 2,5 милијарди долари економска помош за Украина. Ова следува откако Русија го нападна Киев со ракети и беспилотни летала при што загина најмалку едно лице, а 27 беа ранети. Канадскиот премиер ја повтори поддршката за траен мир.

„Под водство на претседателот зеленски, имаме услови, можност за праведен и траен мир. Но, тоа бара волја од Русија и варварството што го видовме преку ноќ. Нападот врз Киев покажува колку е важно да застанеме со Украина во ова тешко време и да создадеме услови за мир и вистинска обнова. Обезбедивме и дополнителна воена помош“, изјави Марк Карни, премиер на Канада.

Паралелно со дипломатските тензии, рускиот претседател соопшти дека воените сили зазеле уште два украински града. Путин повтори дека доколку властите во Киев не се подготвени да го решат прашањето на мирен начин, Русија ќе ги постигне сите цели што ги има во специјалната воена операција со воени средства.

„Гледам дека сите задачи се извршуваат во согласност со планот за специјална воена операција, одобрен и развиен од генералштабот. Создавањето безбедносна зона во пограничните региони, во Сумиската, Харковската и Дњепропетровската област, се одвива со добро темпо. Во Донбас и Запорошката област, офанзивата е во тек по целата линија на контакт. Руските трупи го зголемуваат притисокот врз украинските вооружени сили“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

На фронтот и натаму тензично. Руски беспилотни летала нападнаа станбена зграда во градот Одеса во текот на ноќта, предизвикувајќи пожар. Оштетен е и културен центар, а неколку лица биле евакуирани.

Катерина Бојаџиева