Децата со посебни потреби од Прилеп добија ново игралиште
Визија за инклузивно општество со еднакви можности за сите граѓани. Во државава се изградени пет игралишта за децата со посебни потреби. Се инсистира на подобар пристап до образовните институции. Од владата велат-градиме општество без бариери...

Преку 430 деца со посебни потреби во Прилеп добија ново катче. За социјализација и инклузија во општеството. Полската амбасада помогна да се направи петтото игралиште во земјава.
„Тоа е потврда за добрата соработка помеѓу Полска и Македонија“, вели амбасадорот на Полска Јацак Мултановска.
Државата смета дека е активна за потребите на ранливите категории граѓани.
„Се вложуваат огромни напори да имаат еднакви шанси сите граѓани во Македонија“, вели Ибрахим Ибрахими, заменик министер за труд и социјална политика.
Прилеп поставува пример за оспособување центри. Свој простор ќе добијат и децата со аутизам.
„Еден од тие е и Центарот за деца со посебни потреби. Моментално се довршува и Центарот за деца на улица. Исто така, до крајот на годината ќе биде доопремена просторијата за деца заболени од аутизам“, изјави Марјан Ристески градоначалник на Прилеп.
Со мотото – Визија за инклузивно општество, Националниот совет на телесните инвалиди со 8 000 членови инсистира да се решат проблемите со пристапот до образовните институции.
„Основните, средните училишта, па и високото образование е непристапно за овие лица. Од владата е донесена повторно одлука за општество без бариери, особено во образовните институции“, изјави Совка Прчева, генерален секретар на Националниот совет на телесно инвалидизираните лица на Македонија.
Инклузивни игралишта за децата со посебни потреби има и во Скопје, Струмица, Битола и Чешиново-Облешево. Прилепското чини 16 000 евра од кои близу 12 000 се на полската амбасада.
Елизабета Митреска
