Економија

Граѓаните се жалат-цените секојдневно растат, семејниот буџет стагнира

28.12.2025 15:23

Цените секојдневно растат, семејниот буџет стагнира, се жалат граѓаните. Велат секоја година новогодишна трпеза е сè пооскудна. Иако, на пазарите и во маркетите може да се забележи раздвиженост, торбите на дел од купувачите остануваат полупразни. Од Сојузот на синдикатите алармираат за намалување на стандардот на работниците, бараат зголемување на платите.

За трговците евтино, за граѓаните скапо, семејниот буџет скромен во пресрет на празниците. На само неколку дена пред Новата година, раздвиженост по пазарите и маркетите, но торбите на некои купувачи останаа полупразни. Дел од граѓаните велат дека за празниците помалку штедат, празнична трпеза мора да има. Очекуваат цените – главно на основните производи, да се стабилизирани, оти како што велат, не може секој да си дозволи да го наполни фрижидерот.

Граѓаните да се спокојни, цените нема да пораснат во пресрет на празниците, уверуваат од Владата. Сите трговци кои ставаа „цени од ракав“, биле парично казнети, рече министерот за економија Бесар Дурмиши.

Пазарната инспекција постојано е на терен и до крај на годинава контролите ќе бидат уште позасилени, велат оттаму.

Синдикатите, пак, бараат веднаш да растат платите, оти како што велат, инфлацијата веќе го изела редовното усогласување.

Во однос на минималната плата, од Владата остануваат на ставот дека пресметката се темели на официјални економски показатели. Велат, инфлацијата се стабилизира, а законски утврденото усогласување во март останува единствениот одржлив механизам за раст на минималецот.

Од 1 јануари 2026, Владата ќе почне со пресметка на „просечна потрошувачка кошница“ за едно семејство, паралелно со синдикалната минимална, неопходна за нормална живејачка.

 

Борис Грујоски