Политика

СДСМ обвинува за злоупотреби во Пошта

28.12.2025 17:17

Социјалдемократите обвинија дека фирма без работници добила тендер во вредност од 1,2 милиони евра од Пошта. Посочија локален функционер на ЗНАМ. Од партијата во власта демантираат политички влијанија врз постапките за јавни набавки...

Државната пошта доделила тендер за чистење – тежок милион и двеста илјади евра на тазе формирана фирма, без вработени и опрема и која не ги исполнувала условите од јавната набавка. Ова го тврдат социјалдемократите, кои на прес-конференција рекоа дека доказите за злоупотреби со јавните пари им биле доставени од свиркач, а фирмата што го добила тендерот е во сопственост на советник од партијата ЗНАМ.

Од движењето ЗНАМ демантираат политичко влијание врз постапките за јавни набавки. Велат – секој има право да се јавува на државните тендери.

„Секое лице што ги исполнува условите има право да учествува во постапките за јавни набавки. Ако СДСМ се сомнева дека е сторена злоупотреба, доказите да ги достави до МВР, обвинителството или ревизорот кои имаат надлежност да проверат дали е прекршена постапката. Сашо Петровски е советник во Општина Кисела Вода и не е член на органите и телата на Движењето ЗНАМ“, одговорија од движењето ЗНАМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не коментираат. Велат-за ова треба да одговорат надлежните во пошта. За нив е поиндикативно, како опозицискиот лидер Филипче добил златна виза за Дубаи.

Од „Бихаќка“ повторно обвинија дека нивниот поранешен функционер Јован Деспотовски соработува со ВМРО-ДПМНЕ и со ЗНАМ со цел да ја дестабилизира матичната партија. Овие наводи ги негираше Деспотовски, а од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека партијата на Филипче има сериозни внатрепартиски проблеми и нема да ги коментираат случувањата во нивните редови.

Анита Димитријевска – Велковска