Зеленски: Договоривме 90 проценти од мировен план од 20 точки
Блиску сме, не делат само едно-две многу чувствителни прашања до постигнување договор за крај на војната, заклучија претседателите Трамп и Зеленски по состанокот во Флорида. Територијата и договорот за слободна трговска зона во Донбас и натаму остануваат предмет за дебата...

Блиску сме, не делат само едно-две многу чувствителни прашања до постигнување договор за крај на војната, заклучија претседателите Трамп и Зеленски по состанокот во Флорида. Територијата и договорот за слободна трговска зона во Донбас и натаму остануваат предмет за дебата.
„Има едно или две многу трнливи, многу тешки прашања, но мислам дека се справуваме многу добро. Денес направивме голем напредок, но всушност тоа го постигнавме во текот на последниот месец. Ова не е договор за еден ден. Ова е многу комплицирана работа“, истакна американскиот претседател, Доналд Трамп.
По разговорите и со лидерите на ЕУ и НАТО, Трамп и Зеленски не понудија никакви временски рокови, туку ветија дека нивните тимови ќе се состанат повторно во јануари.
„Имаме големи достигнувања – мировен план од 20 точки – 90 проценти договорен и 100 насто договорени безбедносни гаранции меѓу САД и Украина. Речиси договорени безбедносни гаранции меѓу САД и Европа и Украина, план за просперитет е во фаза на финализирање, а разговаравме и за редоследот на следните активности. Се согласивме дека безбедносните гаранции се клучна пресвртница во постигнувањето траен мир и нашите тимови ќе продолжат да работат на сите аспекти“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Пред средбата со Зеленски, Трамп телефонски разговараше со претседателот Путин. Нема согласност за прекин на огнот за одржување на референдуми – нешто што Украина вели дека е од суштинско значење за решавање на територијалните прашања.
„Најважно е што рускиот и американскиот претседател генерално го делат истиот став дека привременото примирје предложено од Украинците и Европејците под изговор за подготовка за референдум или под други изговори би довело до продолжување на конфликтот и ризик од продолжување на непријателствата“, истакна Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател.
За потенцијална трилатерална средба, Трамп рече дека верува оти Русија, Украина и САД би можеле да се сретнат во вистинско време.
