Карневалска вечер на Тиквешкиот гроздобер

07.09.2014 16:02

Каква што беше годината за лозарите, такво време во кавадарци вчеравечер ги пречека карневалџиите и гостите на педесетата по ред стопански- културна манифестација „Тиквешки гроздобер“. Маските интересни, виното преубаво а забавата незаборавна, вака ја очецуваат присутните втората вечер на манифестацијата чија цел покрај промоцијата на доброто вино и ракија е подобрувањена односот помеѓу лозарите и винариите...

Шестотини учесници и 22 карневалски поставки, од Македонија, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија, Грција, Кипар и Полска, вчеравечер продефилираа низ кавадаречките улици на втората вечер од стопанско- туристичката манифестација „Тиквешки гроздобер“. Со својот танц,  Џаламарите бркаа духови, карневалџиите од Птуј  дождот, оние од Лесковац играа за бог, сонцето и месечината, а струмичани за љубовта.

„Сега лошите духови ќе ги нема, се е избркано.“

„Се надеваме дека  дождот ќе престане сега откако нашите го изведоа карневалскиот танц.“

„Прекрасно е чуството да се танцува кога си Ромео и Јулија“, велат учесниците на карневалот.

И додека  карневалџиите ги играа своите танци, винариите од другата страна на плоштадот подготвени ги дочекуваа гостите за да го промовираат најдоброто вино и ракија во регионот.

Во чест на виното и ракијата кавадарчани играа и пееја, веќе од понеделник велат дека влегуваат во нивите за да го соберат годинешниот род.

Минатогодишниот гроздобер е недостижен велат лозарите, годинашниот род  е преполовен.

„Болести имаше многу, болеста уништи 50 проценти од родот... Многу болести, многу прскања на лозјата и сега се одвива тешка берба, многу врне...“, велат лозарите.

На временските услови неможеме да влијаеме, но затоа преку вакви манифестации можеме да ги подобруваме односите помеѓу лозарите и винариите, велат организаторите.

„Веќе подолго време постои еден јаз помеѓу производителите и винариите, секоја година посакуваме тој јаз да биде надминат,  за доброто и злото да  се делат педесет педесет. Се надевам дека винариите ќе разберат да лозарството е нивната гранка на која седат“, рече Александар Панов, градоначалник на Кавадарци.

Карневалската вечер на стопанско туристичката манифестација која има за цел промоција на најголемиот вински регион во Македонија кулминираше со настапот на Жељко Јоксимовиќ. Јубилејниот, педесети по ред Тиквешки гроздобер, завршува денеска кога градот слави и седумдесет години од ослободувањето. 

 

Дијана Иванова