Оптимизам по средбата Трамп-Зеленски
Претседателите Трамп и Зеленски по состанокот во Флорида оценија дека преговорите за мир во Украина одат добро. Разговорите продолжуваат и во новата година меѓу американски, украински и европски претставници. Најтешкото прашање останува статусот на регионот Донбас. Шефот на Белата куќа телефонски разговараше и со претседателот Путин. Од Кремљ се децидни, Киев без одложување да донесе одлука со оглед на состојбата на фронтот.

Постигнат е значителен напредок во разговорите за крај на војната во Украина, соопштија претседателите Трамп и Зеленски по состанокот во Флорида. Најтешкото прашање останува статусот на регионот Донбас, кој во голем дел е под руска контрола. Шефот на Белата Куќа потврди дека предлогот за трансформација на регионот во демилитаризирана зона сè уште не е усогласен.
„Има едно или две многу трнливи, многу тешки прашања, но мислам дека се справуваме многу добро. Денес направивме голем напредок, но всушност тоа го постигнавме во текот на последниот месец. Ова не е договор за еден ден. Ова е многу комплицирана работа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Зеленски најави дека украинските и американските преговарачки тимови ќе продолжат со интензивни средби уште наредната недела, со цел финализирање на договорот за ставање крај на конфликтот. Францускиот претседател Макрон најави дека почетокот на јануари ќе се одржи средба во Париз на „Коалицијата на подготвените“.
„Имаме големи достигнувања – мировен план од 20 точки – 90 проценти договорен и 100 насто договорени безбедносни гаранции меѓу САД и Украина. Речиси договорени безбедносни гаранции меѓу САД и Европа и Украина, план за просперитет е во фаза на финализирање, а разговаравме и за редоследот на следните активности. Се согласивме дека безбедносните гаранции се клучна пресвртница во постигнувањето траен мир и нашите тимови ќе продолжат да работат на сите аспекти“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Пред средбата со Зеленски, Трамп телефонски разговараше со претседателот Путин. Нема согласност за прекин на огнот за одржување на референдуми – нешто што Украина вели дека е од суштинско значење за решавање на територијалните прашања. Режимот во Киев треба да донесе одлука за Донбас без одложување, земајќи го предвид развојот на ситуацијата на фронтот, став на Кремљ.
„Најважно е што рускиот и американскиот претседател генерално го делат истиот став дека привременото примирје предложено од Украинците и Европејците под изговор за подготовка за референдум или под други изговори би довело до продолжување на конфликтот и ризик од продолжување на непријателствата“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешни работи на рускиот претседател.
Од Вашингтон предупредија дека пропаѓањето или одолжувањето на преговорите би значело продолжување на војната. За потенцијална трилатерална средба, Трамп верува оти Русија, Украина и САД би можеле да се сретнат во вистинско време.
Маријана Димовска
