Премиера на „Сонцето, колку е блиску сонцето“ – мултимедијален спектакл за 80 години МНТ
Станува збор за голем аудиовизуелен перформанс што претставува емотивно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, музика и ликовна уметност, посветено на актерите, режисерите, драматурзите и сите уметници и професионалци кои во изминатите осум децении го создавале сценскиот универзум на МНТ.
Македонскиот народен театар вечерва премиерно ќе го изведе сценско-музичкиот проект „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in МНТ“, со кој се одбележуваат 80 години од постоењето на театарот.
Станува збор за голем аудиовизуелен перформанс што претставува емотивно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, музика и ликовна уметност, посветено на актерите, режисерите, драматурзите и сите уметници и професионалци кои во изминатите осум децении го создавале сценскиот универзум на МНТ.
Во проектот учествуваат околу 60 изведувачи – актери од ансамблот на МНТ, студенти по актерска игра, надворешни соработници, оперски уметници и деца од драмски студија. Претставата вклучува музика во живо, кореографија, 3Д видеомапинг, анимации и сценски слики инспирирани од најзначајните автори и култни претстави од историјата на македонскиот театар.
Режисерот Дејан Пројковски на прес-конференцијата истакна дека одговорноста и возбудата се големи, бидејќи јубилејот на МНТ значи патување низ времето и претставување на сè што било суштинско за театарот и македонската култура. Тој нагласи дека претставата повеќе се занимава со театарот и играта како феномен, отколку со фактографијата.
Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата реплика изговорена на сцената на МНТ на 3 април 1945 година, со која официјално започнала работата на театарот.
Асистент на режијата е Андреј Цветановски, кореограф е Олга Панго, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, музиката на Горан Трајкоски, а 3Д видеомапингот на Сергеј Светозарев.
По вечерашната премиера, претставата ќе се изведе и на 15 и 16 јануари, а планирано е мултимедијалниот проект да остане на репертоарот на МНТ и во наредните месеци.
