Македонија

Во Куманово сè уште се поставуваат камерите од „Безбеден град“

29.12.2025 14:05

Во Куманово сè уште се монтираат камерите кои ќе ловат сообраќајни прекршоци. Во дел од градот веќе се поставени, но засега системот не е целосно активен. Во најголемата општина во земјава чести се сообраќајните незгоди. Граѓаните ја поздравуваат мерката и очекуваат да придонесе за регулирање на хаотичниот сообраќај.

Покрај главниот град, Куманово и Тетово се општините, во кои стартува „Безбеден град“, електронскиот систем за детектирање сообраќајни прекршоци. Тест периодот тече, но системот засега не е целосно активен во најголемата општина во земјава. Иако поставени камерите не функционираат на сите локации.

Почнувајќи од влезот на Куманово, низ двата главни булевари, централното подрачје, но и регионалните патишта веќе се поставени камери од „Безбеден град“.

Од министерството за внатрешни работи информираат поставувањето на камерите во Куманово, сè уште не е целосно завршено.

„Се работи на детектирање на критичните точки каде што ќе бидат поставени камери. За сега трае тест период во кој треба да утврдиме дали постојат пропусти и нелогичности во системот“- информираат од МВР.

Од први февруари граѓаните повеќе нема да добиваат опомени, туку казни. Кумановци се надеваат дека системот ќе придонесе за регулирање на хаотичниот сообраќај во градот. Очекуваат казните да ги научат граѓаните да не ги прекршуваат правилата. Во моментов велат се вози над дозволената брзина, се паркира кај што ќе се стигне. Тротоарите се блокирани од автомобили, а возачите не даваат ниту предност на пешаците. За непочитувањето сведочат и честите сообраќајни незгоди.

Камери од системот „Безбеден град“ веќе се поставени и по автопатиштата „Мајка Тереза“ и „Пријателство“. Само во првите 24 часа од тест периодот МВР регистрираше над 110.000 прекршоци. Лани на ниво на земјава се евидентирани дури 142 жртви, како последица на непочитување на сообраќајни правила.

Елена Георгиевска