Груевски: Американска мултинационална компанија влегува во Македонија
Компанијата за почеток ќе отвори 300 работни места, вели Груевски во интервјуто за магазинот „Република“. Набрзо се очекува и официјално да објават дека влегуваат во Македонија...

Нова глобална компанија ќе инвестира во Македонија. Одлуката ја донела по оценката дека Македонија е најповолна дестинација за нивниот бизнис. Станува збор за американска инвестиција од секторот за аутсорсинг.
Компанијата за почеток ќе отвори 300 работни места, вели Груевски во интервјуто за магазинот „Република“. Набрзо се очекува и официјално да објават дека влегуваат во Македонија. Американската компанија ќе вработува високообразувани лица со познавање на странски јазици, но и повратници што работеле во странство.
Груевски не ги објавува имиња на компаниите пред тие самите да го објават својот бизнис - план.
„Можам да кажам или да скицирам околу оваа тема неколку податоци, кои од една страна, нема да ја загрозат бизнис-етиката и деловната доверба што ја имаме со овие компании, но, од друга страна, ќе значат нови позитивни вести за нашите граѓани и за економијата“, вели Груевски за „Република“.
Компанијата е глобална, со повеќе од една милијарда американски долари годишен обрт и е позиционирана на повеќе места низ светот и Европа. На подолг рок планот е бројката на вработени да достигне до 1.000.
„Во Македонија, експанзијата ќе биде во работни места за поддршка на клиенти со застапување на западноевропските јазици, како англиски, германски, француски, италијански, па и некои од скандинавските јазици. Цел е да се вработуваат луѓе со завршен факултет, како и повратници што работеле во странство, а имаат искуство со јазици“, објаснува Груевски во интервјуто.
Во интервјуто, премиерот Груевски објаснува дека повеќе странски компании веќе ги донесле финалните одлуки за нови деловни потфати во земјава и за реализација на нови инвестиции.
Дијана Ценевска
