Избори во 2025-та кои го преобликуваа светот
Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти прогласи победа на вонредните избори во Косово, со освоени речиси 50 насто од гласовите. На второто место е Демократската партија. Српска листа, најголемата партија на косовските Срби која има поддршка од Белград, освои речиси 4 насто од гласовите …

Иако супер изборната 2024 година веќе беше зад нас, во 2025 светот продолжи во изборен ритам. Граѓаните во Европа, Латинска Америка, и во регионот имаа можност да решат во кој правец ќе се движи нивната земја.
На почетокот на година претседател бираа гласачите на Белорусија. Промени не се случија, и по седми пат решија нивната земја да ја предводи актуелниот проруски шеф на државата Лукашенко. Наредниот месец на парламентарни избори излегоа граѓаните на најмоќната економија во Европската унија. Мнозиство во германскиот парламент го доби демохристијанската ЦДУ, убедливо победувајќи ја левичарската СПД на Шолц. Фридрих Мерц го состави кабинетот дури неколку месеци подоцна и ја презеде функцијата канцелар на Грманија. Првиот предизвик за него беа воведените царински тарифи на американскиот претседател Трамп.
Во Канада се случи еден од најнеочекуваните пресврти. Џастин Трудо, човекот кој 9 години ја предводеше земјата, си замина од премиерската функција, а го напушти и лидерството на Либералната партија. Иако во предизборната кампања сите анкети покажуваа предност на опозициската Конзервативна партија на лидерот Полиевре, сепак на крајот победата на изборите ја однесе владејачката Либерална партија, а премиерската функција ја презеде Карни.
Избори имаше и во Австралија, во кои Антони Албанезе на Лабуристите обезбеди мнозинска влада и втор премиерски мандат.
Во мај 2025 година над Ватикан се издигна белиот чад. Кардиналот од Чикаго, Роберт Превост беше избран да ја предводи Римокатоличката црква. Првиот папа со американско потекло го избра духовното име Лав 14-ти.
И во регионот имаше избори. Во ноември се одржаа претседателски избори во Република Српска. По повеќегодишно врадеење си замина Милорад Додик, а на претседателската функција дојде Синиша Каран, кој на вонредните парламентарни избори беше кандидат на владејачката Сојуз на независни социјалдемократи.
Последни годинава гласаа жителите на Косово. Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, прогласи победа на вонредните избори во Косово со освоени речиси 50 насто од гласовите.
Изборната 2025-та завршува, како што и започна — со резултати што можеби не ги изненади аналитичарите, но ги потсети граѓаните дека демократијата не е спектакл, туку обврска. Светот можеби се менува бавно, но гласачката кутија и натаму останува најсилното оружје во борбата за подобар живот.
Маја Стојанова
