Иванов за МРТ: Најголем успех е што имаме сопствена држава
Претседателот Иванов, во очи на празникот, даде интервју за јавниот национален сервис...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов им го честита претстојниот празник, Денот на независноста на македонските граѓани. Пред 23 години е остварен третиот Илинден, слободна независна и суверена Република Макеоднија. Во изминативе години имавме моменти на славење, но и на разочарување. Патот беше трнлив, но ни помогна да изградиме силно чувство за сопствената држава, да бидеме посилни, посплотени и поуспешни, насочени кон евроатлантската иднина, но и кон економски просперитет за македонските граѓани, се вели во честитката на шефот на државата.
Претседателот Иванов, во очи на празникот, даде интервју за јавниот национален сервис.
„Во последниве 23 години најголем усепх е што имаме сопствена држава, што сме свои на своето, што конечно сонот на претците е остварен. Овој празник граѓаните го прифатија како трет Илинден“, вели Иванов во интервјуто за МРТ.
Додава дека треба да им се честита на тие генерации кои тогаш донеле таква одлука која граѓаните ја поддржале на референдумот, а ние денес го одбележуваме и славиме.
Прашан за состојбата со наметнатиот спор за името со Грција, Иванов вели:
„Кај лидерите од Грција не постои ниту желба ниту интерес да се справат со проблемот кој тие го создадоа. Од наша страна се беше иницирано, преземено, гледаме дека од нивна страна нема интерес, но од време навмре сакаат да се вкучат и други земји и да дадат поинаква динамика на целиот процес“.
Целосното интервју со претседателот Иванов, ќе го емитуваме вечер по централниот Дневник, во 20:10 часот.
По повод празникот, вечерва во 19 часот МРТ ќе ја пренесува свечената академија, на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
