Тајван

Тајван ги осуди најновите воени вежби на Кина во близина на островот

29.12.2025 17:30

Кинеската војска соопшти дека маневрите со кодно име „мисија на правдата 2025“, се неопходна мерка за заштита на суверенитетот на земјата и националното единство. Вежбите се спроведуваат во морските зони и воздушниот простор околу Тајван.

Тајван ги осуди најновите воени вежби на Кина во близина на островот, нарекувајќи ги сериозна закана за мирот и стабилноста во тајванскиот теснец и поширокиот Индо-пацифички регион. Вооружени сили и безбедносните власти целосно ги следат сите случувања.

„Целните воени вежби спроведени од кинеската народноослободителна армија околу Тајван не само што грубо го поткопуваат статусот кво на безбедноста и стабилноста во тајванскиот теснец и Индо-пацифичкиот регион, туку претставуваат и очигледен предизвик за меѓународното право и меѓународниот поредок. Силно ги осудуваме кинеските власти за непочитување на меѓународните норми и заканување на соседните земји со воено заплашување“, изјави Карен Куо - портпаролка на кабинетот на претседател на Тајван.

„Остро протестираме и ги осудуваме нивните арогантни и неразумни постапки, кои неизбежно ќе влијаат на безбедноста на нашиот воздушен и поморски транспорт“, изјави Чен Ши-Каи – министер за транспорт на Тајван.

„Ги осудувам сите дејствија што го ескалираат регионалниот конфликт. Мојот став останува цврст-сакаме дијалог, а не конфронтација. Сакаме мир и просперитет, а не турбулентни односи“, изјави Чианг ван-Ан - градоначалник на Тајпеј.

Кинеската војска соопшти дека маневрите со кодно име „мисија на правдата 2025“, се неопходна мерка за заштита на суверенитетот на земјата и националното единство. Вежбите се спроведуваат во морските зони и воздушниот простор околу Тајван.

„Ова е строго предупредување против сепаратистичките сили за независност на Тајван и е легитимна и неопходна акција за заштита на суверенитетот и националното единство на кина“, изјави полковник Шји Ји – портпарол на источната театарска команда на народноослободителната армија.

Вежбите следат откако Пекинг изрази незадоволство што Вашингтон најави рекорден договор за вооружување за Тајпеј од над 11 милијарди долари. Дополнително тензиите беа разгорени по изјавата на јапонската премиерка Такаичи во која се вели дека нејзината војска би можела да се вклучи, доколку Кина преземе мерки против Тајван.

Катерина Бојаџиева