Собрание

Собранието ги усвои измените на Законот за Судски совет

29.12.2025 16:25

Заострени критериуми за работата на судиите и при избор на членови на советот, се дел од новиот законски акт, кој денеска доби зелено светло од пратениците. Измените се носат согласно препораките на Европската унија, а со нив се предвидува дека ќе ги отстранат дел од слабостите во правосудниот систем. Денеска Собранието даде амин и за почнување постапка за избор на државен јавен обвинител...

Собранието ги усвои измените на Законот за Судски совет. Опозицијата даде поддршка на реформските закони кои имаат за цел да ја вратат довербата во судството преку отстранување на системските слабости. Сепак забележува дека во целост не се испочитувани препораките на Венецијанската комисија, во делот процедурата за изборот на 3-те члена на Судскиот совет кои се предлог од Собранието, односно дека треба да бидат бирани како и тие на Антикорупциската Комисија.

Апасиев од Левица пак со став дека недостасува најважниот критериум, „избор на најдобриот кандидат“.

Пратеникот од владејачкото мнозинство Антонијо Милошоски со став дека во целост се исполнети препораките на Венецијанската комисија, во кои јасно е посочено дека постапката треба да биде иста или слична како на изборот на членовите на ДКСК, дотолку повеќе што нема никаква забелешки за предложените измени.

Инаку новини во измените е воведувањето јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, дефинирање на критериумите за тоа кој може да биде избран за „истакнат правник“ и воведување на задолжителна јавна расправа при избор на членови кои не се од редот на судиите.

Пратениците го усвоија и предлогот за избор на државен јавен обвинител, по што следи објавување на оглас и рок од 15 дена за пријавување на кандидатите.

Марина Стојанова-Тонева