Економија

Пазарите и маркетите раздвижени, цените во нагорна линија

29.12.2025 17:11

Пазарите и маркетите раздвижени, граѓаните со полна пареа се подготвуваат за празниците. Но, цените како и по традиција пред празникот одат во нагорна линија. Годинава цената на костенот зголемена за најмалку 20 проценти...

Од 70 до 90 денари за килограм мандарини, 60 денари чинат јаболката и кивите, крушата е 150 денари, а килограм костени се продаваат од 180, па се до 200 денари – за над 20% повеќе од претходно, оревите одат од 600 до 700 денари за килограм. Краставиците се најскапи и се продаваат од 180, па и над 200 денари за килограм. Ова се само дел од цените на пазарите на сезонското овошје и зеленчук во пресрет на празниците. Раздвижено беше и во месарниците, каде граѓаните купуваа кој колку што може.
 
Граѓаните велат дека за празниците мора да се наполни трпезата, без разлика дали ќе е поскромна или побогата. Цените, велат, главно варираат и на зелените пазари и во маркетите.
 
За трговците евтино, за граѓаните скапо, семејниот буџет ќе остане скромен за празниците. Трговците велат дека цените се нормални, но признаваат дека секој не може да си дозволи се.
 
Од Владата веќе посочија дека цените ќе ги чешла пазарната инспекција преку вонредни контроли.
 
Во изминатиот период најмногу поскапеа јајцата, кои надминаа 13 денари за едно јајце. Но имаше и раст на дел од млечните и месните производи.
 
Борис Грујоски