Ново рочиште за трагедијата во дискотеката во Кочани, сведочеа мајки на жртвите
Салата во Идризово пулсираше со тешки зборови за трагедијата во кочанската дискотека. Исказ на денешното рочиште даваа родители на настраданите. Мајка на загинато девојче кршела ѕид за да можат да дишат децата внатре. Еден од обвинетите инспектори фрли вина врз неа и рече дека таа треба да е на обвинителна клупа бидејќи го пуштила своето дете на концерт а не била полнолетна. Изјавата со осуда...

Сведочеа три мајки на жртви во пожарот како сведоци на Обвинителството. Марија Петрушева, мајка на загинатиот 24-годишен Андреј сведочеше дека нејзиниот син бил повикан од страна на газдата на „Пулс“ да помага за време на концертот на ДНК, и дека и нејзиниот помлад син Кристијан биле во дискотеката. Кристијан се спасил оти бил излезен надвор на цигара кога почнал пожарот, а Андреј бил пренесен во болница, но лекарите не можеле да го спасат. Сведочеше како се обидувале сами да го анимираат Андреј и не верувале дека е починат оти не бил изгорен, но од неговото тело се испуштале гасови. Мајката се обрати на обвинетиот газда дека му завидува што неговиот син е тука, а нејзиниот е мртов. Мајката на 16-годишната Драгана, средношколка на медицина со сон да стане педијатар, заминала на концертот на ДНК со другарките, тие се спасиле а таа не се вратила, сведочеше нејзината мајка Ирена Минова. Жртвите сведочеа дека се спасуваа самите. Ќерката ја пронашла пред диското и со сопругот со свое возило ја однеле во болница, каде констатирале дека е мртва иако немало изгореници. Побара обвинетите да ја признаат вината. Мајката на малолетната Надица, Габриела Наумова сведочеше како ноќта барала помош да се урне ѕидот на диското за да излезат заробените жртви, но не добила помош. Ќерката загинала. Единствено таа од тројцата сведоци наиде на распит од адвокатите на обвинетите. Градежниот инспектор Огнен Георгиев ја праша дали го има видено него во диското, а откако сведокот изјави дека видела друг инспектор, е не него, тој и се обрати:
„Ова е срамота. Ајде стрелајте ме веднаш, што ме судите. Па и ти си виновна за случката, треба и вие овде да седите, малолетно дете сте пуштиле“.
Реагираа многубројните роднини на жртвите. Потоа судијката побара интервенција од обезбедувањето и се закани дека ако продолжат следните судења ќе бидат без присуство на роднините.
Инаку, судијката го предупреди првобвинитениот сопственик Дејан Јованов доколку повторно му најдат телефон во затвор, ќе му забрани посети од семејството.
Следното рочиште за судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ е закажано за 14-ти јануари следната година.
Ирина Гелевска
