Економија

Владата „за“ повисока минимална плата

29.12.2025 16:35

Повисока минимална плата може да има уште утре, вели премиерот Мицкоски но, сепак договорот зависи од синдикатите и работодавачите кои преговараат на Економско-социјалниот совет. Претседателот на Владата обелодени дека „Џини индексот“ односно распределбата на доходот кај населението по 30 години е намалена за 30 проценти...

Минималната плата може да порасне утре, но не смееме да бидеме себични, вели премиерот Христијан Мицкоски. Според него, Владата нема ништо против зголемувањето на минималната плата, но таа треба да биде договор помеѓу работодавачите и синдикатот.

Според премиерот стапката на сиромаштија изразена преку „Џини индексот“ кој е параметар што ја покажува стапката на распределбата на доходот кај населението за 2024 година е најповолен во изминатите три децении и е подобар од европскиот просек.

„Ако во 2020 стапката на сиромаштија изнесувала 23 проценти, во 2024 таа изнесува 21,9 проценти. Кога станува збор за нееднаквоста во доходите, тој „Џини индекс“ во Македонија во 2024 година за првпат во последните триесет години е под 30 проценти. Од 33,3 сега е на 29,1 процент и е најдобар во регионот. Можеби некој ќе се исмејува, но тој индекс е подобар од европскиот просек и од сите држави од регионот, што значи дека имаме поголема еднаквост во распределбата на доходите меѓу населението“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на Влада.

Владата ќе имплементира програма за поврат на даноци за мајките за прво, второ и трето дете, ќе продолжи проектот за шест ин витро постапки, за да се зголеми наталитетот. Во оваа насока и општините да продолжат со проектите за парцијализација за млади брачни двојки, ослободување од плаќање комуналии. Социјалниот статус на пензионерите ќе се подобри со линеарното покачување на пензиите.

 

Наташа Јанчиќ Менковски