воен конфликт

Неизвесен мировен договор меѓу Русија и Украина

30.12.2025 12:00

Украина ги демантира руските тврдења дека се обиделе да ја нападнат резиденцијата на претседателот Путин. Кремљ се заканува дека ќе се одмазди. Американскиот претседател Трамп изрази разочарување од уназадувањето на мировните преговори...

Украина ја обвини Русија дека се обидува да ги саботира мировните преговори, по тврдењата на Кремљ дека спречил напад со дронови врз резиденцијата на Путин во Новгород. Зеленски ги отфрли обвинувањата како лаги кои Русија ги користи како изговори за ескалација. Тврди дека Украина презела конкретни чекори кон мир и предложила референдум за мировниот план, кој во моменталната ситуација не би го одобрил повлекувањето од украинската територија.

„Не можеме само да се повлечеме од нашите територии. Но не станува збор само за законот. Таму живеат луѓе, 300.000 луѓе. Не можеме да ги изгубиме. Сите страни мора да разберат дека најлошиот начин е да се излезе од Донбас. Тоа ќе биде голем ризик за Украина, неприфатлив за Украина, но ќе го прифатат, само лично. А референдумот нема да биде позитивен“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украина и Западот мора да ги признаат територијалните реалности и териториите припоени кон Русија-изјави рускиот министер за надворешни работи Лавров. Потенцира дека мировните договори треба да се склучуваат само по фер избори, а Украина мора да биде неутрална, демилитаризирана и без нуклеарно оружје. Изјавата следи по најавата на Кремљ за преиспитување на преговарачката позиција поради „државниот тероризам“ на Киев.

„Позицијата на Русија ќе биде преиспитана во врска со голем број договори постигнати во претходната фаза и новите расплетување. Американците треба да го разберат ова. Земајќи го предвид државниот тероризам што го спроведува Киев, Руската страна не може да стори поинаку“, изјави Јуриј Ушаков, советникот за надворешна политика на Кремљ.

Трамп изјави дека е многу лут за наводниот напад на Киев, ден откако оцени дека Украина и Русија се поблиску до мировен договор од кога било, иако сè уште работат на клучните прашања, вклучувајќи го и статусот на Донбас.

„Претседателот Путин ми кажа за тоа дека бил нападнат. Тоа не е добро. Едно е да се биде навредлив, бидејќи тие се вреѓаат, но друго е да се нападне неговата куќа. Не е вистинско време за нешто такво. Бев многу лут поради тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Москва потенцира дека нападот се случил во време на преговарачки напори за решавање на конфликтот и најави одмазднички одговор. Мировните преговори се далеку од завршени, Западот и Украина мора да останат обединети за да не им дозволат на Русија да диктира услови за мир-предупреди полскиот премиер Туск. Во истовреме на фронтот, нови експлозии ги потресоа Одеса и Харков. Руски напади и во Запорожје.

Бојана Крстевски