Септември сеуште важи за најскап месец во годината
Родителите кои имаат ученици велат дека иако е тежок месец сепак се снаоѓаат. Наставниците не бараат премногу. Трошоците за училишен прибор се сведени на минимум...

Септември го означи почетокот на учебната година, но алармираше и за сите трошоци што ги носи. Купувањето училишен прибор, новата гардероба за учениците, приготвувањето зимница и средствата за огрев се само дел од нив. Експертите советуваат да се воспостави рамка на постепено плаќање.
„Имаме едни позитивни тенденции во економијата и да се надеваме дека ќе биде позитивна - куповната моќ на населението ќе се зголеми. Решение е тоа што се би требало да се сведе на минимум, она што е најнеопходно за децата“, смета проф.д-р Марија Зарезанкова-Потевска, економист.
Родителите кои имаат ученици велат дека иако е тежок месец сепак се снаоѓаат. Наставниците не бараат премногу. Трошоците за училишен прибор се сведени на минимум. А помага и што не даваат пари за учебници.
„Наставниците го бараат само она што е најнеопходно... Септември е тежок месец од финансиски аспект. Благодарение на тоа што имаме бесплатни учебници, малку сме порастеретени“, велат родителите.
„Се прави список од најнеопходните, потребни материјали коишто им се на учениците, како моливчиња, гумички, острилки, тетратки, ликовен прибор за цртање. Она што е предвидено со наставниот план и програма. Не се претерува во смисла на барања што се непотребни“, вели Марина Василева – наставник.
Месец септември сеуште важи за најдолг и најскап месец во годината. Ланските податоци покажуваат дека од домашниот буџет годишно се одделуваат над 5.000 денари за образовни трошоци.
Сања Спиридонова
