Духот на Александар Македонски претставен низ делата на сестрите Винчич
Во нивните дела се помешани многу култури, традиции и обичаи. Велат дека и Александар Македонски некогаш знаел тоа убаво да го соедини. Лицата на Александар се работени цело лето, а за сите 20 дела им биле потребни 4 години...

Наталија и Гордана Д Винчич се сестри кои дишат и создаваат како една. Импресионирани од духот и возвишените дела на Александар Македонски, а инспирирани од легендите според кои Скопје е градот со седум капии создадоа една несекојдневна изложба на слики работени во период од четири години.
„Духот на Александар е претставен во нашите слики, каде што тој патува низ времето, од својата смрт па наваму... значи, се претставува минатото и сегашноста. Во своите патувања, Александар се среќава со личности од традицијата на Македонија“, вели Гордана Винчич.
Во нивните дела се помешани многу култури, традиции и обичаи. Велат дека и Александар Македонски некогаш знаел тоа убаво да го соедини. Лицата на Александар се работени цело лето, а за сите 20 дела им биле потребни 4 години.
„Ова лето избравме да не одиме по плажите, бевме затворени во студио тука блиску до триумфалната капија, а инспирацијата ја добивавме шетајќи низ Македонија, сретнувајќи се со луѓе и интегриравме многу за изведувањето на сликите“, додава Наталија Винчич.
Велат дека постои интерес, изложбата да патува низ цела Македонија. А амбициите се да го обиколи и целиот свет.
„На сите места каде што била империјата на Александар Македонски, се надеваме дека ќе патува низ Турција, Бугарија, Грција, Албанија, а можеби ќе стигнеме и до Индија“, вели Наталија.
Сестрите посакуваат со овие дела духот на Александар, исто како и јунакот од легендата, да ги отворат капиите на градот и народот што живее во него да биде среќен. Веруваат дека овие уметнички дела ќе создадат платформа за натамошен дијалог.
Александра Перевска
