Свет

Кина истрела ракети кон Тајван на најголемите воени вежби досега

30.12.2025 12:32

Кина истрела ракети во водите крај Тајван. Затворен воздушниот простор. Пекинг распореди и нови амфибиски бродови, бомбардери и разорувачи на вториот ден од големата воена вежба, замислена како проба за блокада на островот...

Кина ги продолжи масовните воени маневри околу Тајван во рамките на операцијата „Мисија правда 2025“, демонстрирајќи подготвеност за целосна блокада на островот. Во вежбите се вклучени разорувачи, ловци и бомбардери, додека копнените сили изведоа гаѓања со боева муниција во водите северно од островот. Маневрите се јасна порака против сепаратизмот и дека секоја ескалација ќе биде дочекана со „посилни контрамерки“.

„Тајван е неотуѓив дел од територијата на Кина. Воените вежби што ги спроведува кинеската народна армија се казнена и одвраќачка акција против сепаратистичките сили кои бараат независност на Тајван преку воено зајакнување и неопходен потег за заштита на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на кина“, изјави Лин Џијан, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.

Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека во изминатите 24 часа се забележани 130 кинески авиони и 14 воени брода во близина до островот, при што дури 90 летала ја преминале средната линија на Тајванскиот теснец. Како одговор на кинеските активности, Тајпеј ги активираше своите авиони, бродови и крајбрежни ракетни системи.

„Кина и натаму користи воени провокации, вежби за заплашување на Тајван и соседните земји. Ваквите акции не само што го оспоруваат принципот на повелбата на обединетите нации што забранува употреба на закани или сила, туку и ги кршат меѓународните норми. Тајван ќе продолжи да ја продлабочува соработката со еу и другите истомислечки земји и партнери во Европа, работејќи заедно за заштита на мирот и стабилноста во тајванскиот теснец“, изјави Ерик Џиун-Јав Хуанг, од Министерство за надворешни работи на Тајван.

Американскиот претседател изјави дека не бил однапред информиран за вежбите, но не е загрижен бидејќи имал одличен однос со кинескиот колега и не верува во напад врз Тајван.

„Имам одличен однос со претседателот Шји Џјинпинг и тој не ми кажа ништо и не верувам дека ќе го прави тоа. Ништо не ме загрижува. Тие спроведуваат поморски вежби 20 години во таа област“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Вежбите следуваат откако Пекинг изрази незадоволство што Вашингтон најави рекорден договор за вооружување за Тајпеј од над 11 милијарди долари.

Катерина Бојаџиева