Култура

Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за млади драмски автори

30.12.2025 12:48

Пристигнатите текстови ќе ги оценува стручна комисија од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција во пресрет на роденденот на Горан Стефановски, на 27 април.

НУ Драмски театар Скопје го објави годинешниот конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор до 30 години. Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година.

Право на учество имаат автори – државјани на Македонија, кои до истекот на рокот немаат наполнето 30 години, а пријавениот текст мора да биде оригинално и неизведено дело. Пристигнатите текстови ќе ги оценува стручна комисија од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција во пресрет на роденденот на Горан Стефановски, на 27 април.

Наградата вклучува паричен износ од 60.000 денари, потпишување авторски договор и продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на Драмски театар во рок од две години. Деталните насоки за пријавување се објавени на веб-страницата на театарот.

Воедно, денеска е и последен ден за пријавување на јавниот повик за проектот „Денови на независната сцена во Драмски“, кој ќе се реализира од 14 до 17 јануари 2026 година. Рокот за поднесување пријави за овој повик е 30 декември 2025 година.