Пониски каматни стапки на кредитите, депозитите со умерени промени во ноември
Каматната стапка на новоодобрените кредити изнесува 4,54 отсто и е зголемена на месечно ниво, но во споредба со ноември минатата година е пониска за 0,28 процентни поени. Новопримените депозити, пак, имаат каматна стапка од 2,27 отсто, со пад и на месечно и на годишно ниво.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во ноември 2025 година се намали на 4,80 отсто, што претставува месечен пад од 0,02 процентни поени и годишно намалување од 0,56 процентни поени, соопшти Народната банка. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 2,18 отсто и бележи благ месечен пад, додека на годишно ниво е зголемена за 0,06 процентни поени.
Каматната стапка на новоодобрените кредити изнесува 4,54 отсто и е зголемена на месечно ниво, но во споредба со ноември минатата година е пониска за 0,28 процентни поени. Новопримените депозити, пак, имаат каматна стапка од 2,27 отсто, со пад и на месечно и на годишно ниво.
Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити се намали на 4,41 отсто, со годишен пад од 0,64 процентни поени. Истовремено, каматната стапка на новоодобрените кредити порасна на 4,51 отсто, додека каматните стапки на депозитите на фирмите бележат намалување и на месечно и на годишно ниво.
И кај домаќинствата е евидентиран пад на каматните стапки на кредитите. Просечната каматна стапка на вкупните кредити се намали на 5,19 отсто, а кај новоодобрените кредити на 4,59 отсто, што претставува и годишно намалување. Каматните стапки на депозитите на домаќинствата се движат умерено, со благ месечен пад кај вкупните депозити и мал раст кај новопримените депозити.
Според Народната банка, податоците укажуваат на продолжување на трендот на пониски каматни стапки на кредитите на годишна основа, при умерени и различни движења кај депозитите.
