Инфраструктура

Обнова на возниот парк на Железница

30.12.2025 16:25

Македонската железница се модернизира. Со 21 милион евра ќе се набавуваат пет електрични локомотиви за товарниот транспорт. Претпријатието очекува зголемени приходи, стопанството повисока конкурентност…

Македонски железници- Транспорт купува нови локомотиви. Во Владата потпишан договор за заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 20,9 милиони евра. Ќе се набавуваат пет електрични локомотиви со резервни делови, а целта е поголем транспорт на стоки и генерирање приходи на претпријатието. Проектот, според премиерот, е важен чекор кон модернизација, како и кон унапредување на сигурноста и ефикасноста на товарниот железнички сообраќај.

Според министрите за транспорт и за финансии, Александар Николоски и Гордана Димитриеска-Кочоска, потпишувањето на Договорот е клучен чекор за целосната трансформација на Железница во модерно претпријатие кое ќе одговори на потребите на комитентите.

Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка, се во целосна согласност со стратегијата за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии.

Новата инвестиција е клучна за развојот на Коридорите 10 и 8, но и за проектот за градски воз во Скопје.

Борис Грујоски