Украинската криза ја менува европската економија
Стопанството го бара спасот од Европската централна банка, која мора да се справи со растечката дефлацијата. Во комбинација со се уште високата невработеност, токму таа е главниот ризик за европската економија...

Светот каков што го познаваме е пред радикална промена – се погласни се експертите. Украинската криза ја менува економската мапа и најавуванов финансиски и политички поредок. 2014-та се најавува како годината на третата светска рецесија во низа. Наизменичните санкции ЕУ-Русија веќе го наплаќаат данокот. Според податоците на Еуростат од септември, во Еврозоната не е забележан раст. Загрижува тоа што рецесија и се заканува дури и на Германија, која ги намалува прогнозите. Негативен раст се забележува во Данска, Кипар и Романија, на нула се Бугарија и Словенија, а Белгија, Австрија, Финска и Шведска немаат многу со што да се пофалат.
„По четири квартали умерена експанзија, реалното БДП на Еврозоната останува непроменето во втората половина годинава во споредба со претходниот квартал. Исходот е послаб од очекуваното, податоците до август укажуваат дека го губиме моментумот на раст, а експанзијата е умерена“, вели Марио Драги, директор на Европската централна банка.
Стопанството го бара спасот од Европската централна банка, која мора да се справи со растечката дефлацијата. Во комбинација со се уште високата невработеност, токму таа е главниот ризик за европската економија – намалената потрошувачка и покрај ниските цени и натаму ќе го турка штотуку постигнатиот раст во негатива.
Ситуацијата дополнително ја отежнува тоа што на удар на санкциите не е само Европската унија, туку и нејзиниот главен пазар, северноамериканскиот континент. Ова доведува до создавање на нови трговски врски – се отвораат вратите за неврзаните пазари во Јужна Америка, Африка и Азија, а голем удел во тоа има и политиката.
„Зад сцените се гледа притисок од Европската унија и од САД кон политички и дипломатски најблиските земји, можеби не баш Аргентина, но има некакво ниво на поддршка“, смета Маурисио Клавери, аналитичар од Аргентина.
Европа веќе со години го наѕира излезот од финансиската криза, но не успева да ја остави во минатото.
Ивана Салтировска
