Украина ја обвини Русија дека се обидува да ги саботира мировните преговори
Не можеме да се повлечеме од нашите територии, вели украинскиот претседател Зеленски, потврдувајќи дека ова останува клучното прашање што треба да се реши за постигнување договор за мир. Додека се прават напори да се оконча војната – Москва и Киев со спротивставени тврдења дали имало украински напад врз резиденцијата на Путин...

Украина ја обвини Русија дека се обидува да ги саботира мировните преговори, по тврдењата на Кремљ дека спречил напад со дронови врз резиденцијата на Путин во Новгород. Зеленски ги отфрли обвинувањата како лаги кои Русија ги користи како изговори за ескалација. Тврди дека Украина презела конкретни чекори кон мир и предложила референдум за мировниот план, кој во моменталната ситуација не би го одобрил повлекувањето од украинската територија.
„Не можеме само да се повлечеме од нашите територии. Но не станува збор само за законот. Таму живеат луѓе, 300.000 луѓе … Не можеме да ги изгубиме. Сите страни мора да разберат дека најлошиот начин е да се излезе од Донбас. Тоа ќе биде голем ризик за Украина, неприфатлив за Украина, но ќе го прифатат, само лично. А референдумот нема да биде позитивен“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Украина и Западот мора да ги признаат територијалните реалности и териториите присоединети кон Русија-изјави рускиот министер за надворешни работи Лавров. Потенцира дека мировните договори треба да се склучуваат само по фер избори, а Украина мора да биде неутрална, демилитаризирана и без нуклеарно оружје. Изјавата следи по најавата на Кремљ за преиспитување на преговарачката позиција поради „државниот тероризам“ на Киев.
„Овој терористички чин има за цел да го наруши процесот на преговори. Тој е насочен не само против претседателот Путин лично, тој е насочен и против Трамп. Ова има за цел да ги наруши напорите за мирно решавање на украинскиот конфликт. Русија не се повлекува од преговарачкиот процес и секако, ќе го продолжи дијалогот, првенствено со Американците“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Трамп изјави дека е многу лут за наводниот напад на Киев, ден откако оцени дека Украина и Русија се поблиску до мировен договор од кога било, иако сè уште работат на клучните прашања, вклучувајќи го и статусот на Донбас.
„Претседателот Путин ми кажа за тоа дека бил нападнат. Тоа не е добро. Едно е да навредувате, бидејќи тие навредуваат, но друго е да се нападне неговата куќа. Не е вистинско време за нешто такво. Бев многу лут поради тоа“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Москва потенцира дека нападот се случил во време на преговарачки напори за решавање на конфликтот и најави одмазднички одговор. Мировните преговори се далеку од завршени, Западот и Украина мора да останат обединети за да не им дозволат на Русија да диктира услови за мир-предупреди полскиот премиер Туск. Во истовреме на фронтот, нови експлозии ги потресоа Одеса и Харков. Руски напади и во Запорожје.
Бојана Крстевски
