Индустриското производство од почетокот на годината со раст од 1,9 проценти
Индустриското производство во периодот јануари – ноември 2025 година, во однос на истиот период лани бележи раст од 1,9 проценти, соопшти Државниот завод за статситика. Во ноември годинава, пак, во однос на ноември 2024 година има намалување од 2,8 отсто...

Индустриското производство во ноември 2025 година е намалено за 2,8 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци.
Пад е регистриран во сите три индустриски сектори. Во секторот Рударство и вадење камен производството е намалено за 4,7 отсто, во Преработувачката индустрија за 2 отсто, додека најголемо намалување од 8,6 отсто е забележано во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Намалувањето во преработувачката индустрија, според податоците, пред сè се должи на падот на производството во одделите за производство на пијалаци, текстил и облека, хемикалии и хемиски производи, фармацевтски производи, метали и фабрикувани метални производи, електрична опрема, машини и уреди, како и мебел.
Гледано според главните индустриски групи, во ноември 2025 година во однос на ноември 2024 година, опаѓање е забележано кај енергијата за 8,5 отсто, капиталните производи за 2,1 отсто, трајните производи за широка потрошувачка за 18,6 отсто и нетрајните производи за широка потрошувачка за 8,7 отсто. Пораст од 7,7 отсто е регистриран само кај интермедијарните производи, освен енергија.
И покрај месечниот пад, индустриското производство во периодот јануари – ноември 2025 година бележи раст од 1,9 отсто во споредба со истиот период од 2024 година.
Најголемо влијание врз падот на индустриското производство во ноември имале производството на облека со намалување од 16,4 отсто, производството на електрична опрема со 4 отсто, како и секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со пад од 8,6 отсто.
