Руско - украински конфликт

Русија го распореди најновиот ракетен систем со нуклеарни боеви глави во Белорусија

31.12.2025 10:54

Вашингтон и Киев со сомнежи за тврдењата на Кремљ дека Украина извршила голем напад со беспилотни летала врз резиденцијата на Путин. Русија го распореди најновиот ракетен систем со нуклеарни боеви глави, „Орешник“ во Белорусија...

Русија соопшти дека го распоредила најновиот ракетен систем со нуклеарни боеви глави „Орешник“ во Белорусија. Руските државни медиуми објавија дека на ракетата ќе и требаат само 11 минути за да стигне до воздухопловната база во Полска и 17 минути до седиштето на НАТО во Брисел. Претседателот Лукашенко претходно изјави дека 10 системи „Орешник“ ќе бидат стационирани во неговата земја.

„Се прошируваме во нови области на борбена патрола и вршиме извидување на нови области. Планираните вежби се спроведуваат во согласност со доделените задачи. Борбената обука, тактичката и специјалната обука се одржуваат секојдневно и неделно. Персоналот веќе ја докажа својата професионалност во акција, за време на планираните вежби“, изјави заменик-командант на воена единица.

Распоредувањето следува еден ден откако Москва тврдеше дека Украина извршила голем напад со беспилотни летала врз резиденцијата на Путин во северозападна Русија речиси веднаш по разговорите на Трамп со Зеленски. Амбасадорот на САД во НАТО вели дека се нејасни ваквите тврдења.

„Украина добива беспилотни летала и ракети секоја вечер во својот главен град, а се што можат да направат е да возвратат. Ми се чини малку неделотворно да се биде толку блиску до мировен договор, а Украина навистина сака да постигне мир, а потоа да направи нешто што би се сметало за неодговорно или некорисно. Значи, ќе стигнеме до дното на разузнавачките информации, и за мене, најважно е што ќе кажат разузнавачките служби на САД и нашите сојузници за тоа дали овој напад навистина се случил или не“, изјави Метју Витакер, амбасадор на САД во НАТО.

Украинскиот претседател ги негира руски наводи за прекинати преговори со САД. Зеленски ги отфрли извештаите за напади врз резиденцијата на Путин како лажни. Тој истакна дека сè додека Русија постојано наоѓа изговори, прекинот на огнот – а со тоа и референдумот – не може да се случи безбедно.

„Нападите врз резиденцијата на Путин во Валдај се лажни. Никој не го погоди тоа место. Дали ова е поврзано со санкции? Можеби малку, но според мене, тоа е повеќе поврзано со фактот дека имаше прилично успешен разговор и позитивен состанок меѓу нашите тимови во текот на месецот, што кулминираше со нашиот состанок со претседателот Трамп. Гледам само позитивни резултати од овие состаноци. Има напредок во подготовката на документите, а Русија, која не сака никакви позитивни резултати за никого во овој формат, изнесува такви тврдења“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

На фронтот продолжува војната. Руските власти соопштија дека Украина вчера извршила серија напади врз Москва, делови од западна Русија и Кримскиот полуостров.

Маријана Димовска