Македонија

Гаши со новогодишна порака: Единството и довербата се клуч за одржлив напредок

31.12.2025 11:36

Според Гаши, изминатата година потсетила на суштинската важност на единството, зрелоста за градење консензус и меѓусебната доверба, како предуслови за одржлив напредок...

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска упати новогодишна порака до граѓаните, посакувајќи им здравје, мир, добрина и љубов.

Во пораката, Гаши истакна дека годината што завршува била обележана со посветена работа и конкретни чекори кои оставиле трага, посочувајќи ги напредоците во транспарентноста, дигитализацијата и зајакнувањето на надзорната улога на Собранието. Тој нагласи дека институцијата станала поинклузивна, подостапна и поотворена за граѓаните, идеите и дијалогот, како и дека преку парламентарната дипломатија биле изградени мостови на соработка и пријателство.

Според Гаши, изминатата година потсетила на суштинската важност на единството, зрелоста за градење консензус и меѓусебната доверба, како предуслови за одржлив напредок.

„Само кога стоиме заедно, со почит и одговорност кон нашиот заеднички дом, можеме да изградиме поправедна и посветла иднина“, порача претседателот на Собранието, посакувајќи Новата година да започне со надеж, отворено срце и верба во потенцијалот на општеството.