Почна одбројувањето до Новата година
Некој очекува незаборавна авантура, некој мир и спокој. Почна одбројувањето до Новата година. 2026-та ја поздравија граѓаните на Кирибати и Австралија. Еве ја атмосферата...

Жителите на пацифичката островска држава Кирибати први ја испратија старата и дочекаа новата 2026 година. Последните минути ги одборјува и Австралија. Пристаништата во Сиднеј преполни.
„Слушнавме дека големиот огномет во Сиднеј е задолжителен, па еве нè“, вели Марко Фендерзван, турист.
„Огнометот отсекогаш ми бил на листата на желби и затоа сум многу среќна што сум тука“, рече Сузана Суисуикли,туристка.
Но, радоста за почетокот на новата е ублажена од тагата на старата година по терористичкиот напад на плажата Бонди. Забавите ќе паузираат со минутен молк за жртвите додека бела светлина го облева познатиот мост симболизирајќи го мирот. Над 2500 полицајци задолжени за безбедноста.
„Oна што Бонди ни го покажа беше најдоброто од австралискиот дух во сета негова храброст и сочувство и затоа сум оптимист и решен дека во новата година ќе се издигнеме за да се соочиме со предизвиците што нè очекуваат. Во 2026 година, ќе го напишеме следното поглавје“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Остатокот од светот сѐ уште одбројува. Еуфоријата на Тајмс сквер во Њујорк веќе се чувствува. „Топката на соѕвездијата“ на славеничката позиција годинава го симболизира и почетокот на 250-годишнината од раѓањето на Америка.
„Ќе имаме најмногу конфети досега, црвени, бели и сини за прв пат по полноќ ќе паднат тука во чест на 250-годишнината од Америка. Тоа се најмногу конфети што некогаш сме ги имале, речиси три тони. Ќе ги прекрие сите луѓе на Тајмс Сквер“, вели Џефри Штраус, претседател на „Каунтдаун Интертејмент“.
Подготвени за дочек и Европските метрополи со зголемена будност од терористички закани. Центарот на Виена и новогодишната патека по 34-ти пат е главна дестинација за забави.
„Нова Година е еден од најпрометните денови за безбедносните сили и службите за итни случаи. Наша одговорност и должност е да обезбедиме да биде мирна, радосна и празнична“, изјави Герхард Карнер, министер за внатрешни работи на Австрија.
За најлудата ноќ подготвени Лондон и Париз, но магијата за илјадници европски патници се скрши и ги промени плановите откако останаа заглавени во Евротунелот под Ла Манш поради прекини на струјата. Железничкиот оператор им се извини на патниците соопшти дека проблемите се надминати, иако се најавени задоцнувања.
Бојана Крстевски
