Празнична магија во Охрид
Охрид исполнет со празнична атмосфера и бројни гости. Хотелските капацитети се исполнети до 85 проценти, а приватното сместување речиси 100%. Како се подготвува главниот туристички центар за новогодишната ноќ и каква е атмосферата во градот.

Во Охрид се чувствува празничната магија. Весело раздвижено, пристигнаа илјадници туристи, кои Новата година ќе ја дочекаат на брегот на Охридското Езеро.
Забележително е присуството на гости од соседните земји – но најбројни, и оваа година, се туристите од Србија. Дел од нив ќе слават на градскиот плоштад, дел во охридските хотели и ресторани, а младите ќе се забавуваат во ноќните клубови и дискотеки.
„Хотелите се исполнети, капацитетите се пополнети некаде до 85 проценти. Поголемиот број гости се од соседството, најмногу од Република Србија, а има и домашни гости. Не можеме да кажеме дека има голем број туристи од европските земји – ги има, но во помал број. Се надевам дека овие празници ќе поминат во убав амбиент, дека градот ќе има добра понуда и дека сите гости кои ќе го посетат Охрид ќе имаат убав помин.“, вели Челик Асим туристички работник.
За дел од туристите Охрид е ново доживување, за други омилена празнична дестинација во која се враќаат, но впечатокот е ист – градот плени со својата убавина.
„Охрид е преубав. Луѓето се дивни, храната одлична. Македонија има посебна душа и секогаш ни е убаво тука“, изјави посетител.
„Не сме првпат за Нова година, но секогаш ни се допаѓа атмосферата“, рече друг.
„Искрено, доаѓаме веќе 6 – 7 години. Цените се покачени, како и насекаде во Европа, но тоа не нè спречува да доаѓаме“, изјави друг посетител.
„Охрид е многу популарна дестинација, дојдовме преку агенција и цените се прифатливи“, додаде друг.
„Првпат сме тука, сакаме да го видиме езерото и градот“, рече посетител.
„Новата година ќе ја славиме овде, во сместувањето“, изјави друг.
„Амбиентот е фантастичен, Охрид е преубав и може да се носи со европските метрополи“, додаде посетител.
„Првпат сум овде, многу ми се допаѓа. Ќе останеме четири дена“, изјави посетител.
„Многу ни се допаѓа, сигурно пак ќе дојдеме, и на лето“, изјави друг.
За безбедноста на бројните гости охридската полиција изготви посебен оперативен план.
„Она што е главна цел на планот е стабилен јавен ред и мир, контактите се остварени и со приватни агенции за обезбедување. Планирани се зачестени контроли, целта е празниците да поминат во беспрекорен јавен ред и мир. Деликтите да бидат сведени на минимум или елиминирани“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Илјадници гости вечерва ќе бидат на плоштадот „Свети Климент Охридски“, а за празничната атмосфера ќе се погрижат Влатко Лозановски, Ефто Пупиновски, и Ѓоко Танески.
Соња Рилковска
