Судство

Поранешниот директор на затворот во Шутка осуден на осум месеци затвор

31.12.2025 18:39

Судот утврди дека во периодот од март до јули 2024 година, обвинетите им овозможувале незаконски погодности на осудени лица, кои биле спроведувани до нивните домови и други локации за приватни потреби, спротивно на законската постапка...

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која поранешниот директор на КПУ Затвор Скопје во Шуто Оризари, Филип Андов – Сокол, е осуден на осум месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, сторена во соизвршителство и во продолжено траење.

Со пресудата се опфатени уште неколку обвинети, на кои им се изречени условни осуди за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење во службата, со рокови на проверка од една до три години.

Судот утврди дека во периодот од март до јули 2024 година, обвинетите им овозможувале незаконски погодности на осудени лица, кои биле спроведувани до нивните домови и други локации за приватни потреби, спротивно на законската постапка.

Пресудата не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје.